ДУИ ќе одвојува повеќе пари за општините

Кандидатот за премиер на ДУИ Насер Зибери денеска на средбата со градоначалници на четири општини во зградата на Општина Тетово ја истакна заложбата дека во иднина централната власт повеќе треба да ги помага локалните самоуправи со финансиска децентрализација. Тој со нив потпиша и Меморандум за соработка.

-Затоа ние планираме веднаш да се пристапи кон промена на неколку закони кои ќе зајакнат финансиската состојба на општините. Промена на законот за додадена вредност и процентот кој се доделува за единиците на локалната самоуправа да се зголеми од 4,5 на 9 отсто. Можеби не оддеднаш, но постепено, тоа ќе биде наша определба. Процентот од персоналниот данок исто така да се зголеми од 3 на 9 отсто. Добив една сугестија дека определба, која постои, но која за жал не функционира, издвојување на еден процент од БДП за потребните на локалната власт, се разбира тука се и проектите за подобрување на локалната патна инфраструктура, на инфраструктура на објектите од јавен карактер и сето тоа заложба за подобрување на условот за задржување на нашите млади во Република Северна Македонија, рече Зибери.

Кандидатот за премиер истакна дека и во повеќе други области треба да има промени за подобар живот на граѓаните во општините.

-Преиспитување на профилите на средните училишта со нагласок на стручните училишта кои треба да бидат двигатели на поголемо вработување на нашите млади и баланс на побарувачка и произведување на кадри и потреба на стопанство која реално ја има. Градоначалниците истакнаа проблеми во делот на животната средина и тоа ќе биде моја заложба да создаваме подобар амбиент, а во делот на туризмот нагласени беа потенцијалите на кои не сме изразиле доволно внимание да се исползуваме во интерес на граѓаните, истакна Зибери.

Зибери се сретна со градоначалниците на Тетово, Дебар, Чаир и Липково.