ДУИ: Како Недим Рама, додека директорува со НОМАГАС, обезбедил капитал за инвестиции во „Мерцедес“?
ДУИ бара одговори за имотниот лист на Недим Рама, директор на НОМАГАС, особено за инвестициите во Mercedes-Benz Group AG кои според партијата се сомнителни и треба да се проверат од антикорупциските органи за потеклото на капиталот.
Имотниот лист на Недим Рама, директор на НОМАГАС и близок соработник на Изет Меџити, отвора многу посериозни прашања од оние што тој се обиде да ги затвори со поднесувањето на анкетниот лист во Антикорупциската комисија, велат од ДУИ.
Од таму наведуваат дека Рама пријавил акции во големи странски компании, меѓу кои и во германската компанија Mercedes-Benz Group AG. Но, велат од ДУИ, клучниот проблем е датумот.
„Според неговото сопствено пријавување, уделите се стекнати на 22 април 2026 година, во период кога Недим Рама веќе ја извршувал функцијата директор на НОМАГАС. Затоа денес бараме конкретни одговори: Со кои пари Недим Рама купувал акции во странски компании додека бил директор на НОМАГАС? Колку конкретно инвестирал во Mercedes-Benz Group AG? Од која сметка се префрлени средствата? Кое е потеклото на капиталот? Дали овие инвестиции биле пријавени во законскиот рок и дали постојат други инвестиции во странство кои сè уште не се пријавени пред јавноста?“, прашуваат од партијата.
Од ДУИ велат дека ова не се приватни прашања, затоа што Недим Рама раководи со стратешка државна компанија и секое позначително зголемување на имотот на јавен функционер за време на неговиот мандат мора да има јасно и проверливо потекло.
„Затоа бараме од Државната комисија за спречување на корупцијата да го провери потеклото на средствата, датумот на купување, вредноста на инвестициите и времето на пријавување на акциите на Недим Рама. Недим Рама треба да излезе пред јавноста и да објасни од каде се парите. Прашањето е едноставно: Како директорот на НОМАГАС, за време на својот мандат, обезбедил капитал за инвестиции во „Мерцедес“ и други меѓународни компании?“, прашуваат од ДУИ.
Како што пишуваше „Фактор“, директорот Рама е ортак со заменик-министерката за транспорт, Калтрина Зеколи Шаќири, се која се сопственици на ресторанот и кафе-бар во Скопје-Север, кој е меѓу најпопуларните угостителски објекти во Општина Бутел. Заедно со Зеколи Шаќири се сопственици на фирмата „Неар 2015“ која како подружница го поседува „1Sh Lounge Bar“ во Скопје-Север.
На профилот на Рама на социјалната мрежа „Линкдин“ пишува дека тој исто така е со-основач на ИТ-компанијата Host.mk.
Тој од август 2024 фигурираше како посебен советник за економски прашања и шеф на кабинетот на тогашниот министер за животна средина и вицепремиер Изет Меџити, кој на локалните избори минатиот месец стана градоначалник на Чаир.