ДУИ ја прослави годишнината раскарана, Ахмети повика на политичка зрелост
Радмила Шекеринска на форумот порача дека оние граѓани што се против уставните измени не се против ЕУ, туку се плашат дека ќе има и други барања
ДУИ ја одбележа 21-годишнината од создавањето на партијата раскарана и поделена како партија на два дела. На форумот што го организираше во „Александар Палас“ отсуствуваа добар дел од основачите и партиските лидери, а „огнените“ одржаа паралелна прослава. Тоа што за првпат на годишнина е без некои од своите сопартијци и пријатели лидерот на ДУИ, Али Ахмети, го нарече „групација заснована на лични интереси“.
Говорејќи на собирот Ахмети повика внатрешните избори во партијата да се одржат на 2 јули и на нив да се покаже партиската демократија и политичка зрелост. Фокусот тој сепак го стави на европскиот фронт во кој, како што рече, сите се добредојдени, при што ја повика ВМРО-ДПМНЕ да размисли за поддршка на евроинтегративниот процес.

Според него, уставните измени треба да се случат, а вклучувањето на заедниците, Бугарите, Црногорците и другите да бидат уставна категорија со што конечно ќе се затвори едно историско поглавје за нашите сограѓани Македонци и конечно ќе се легитимираат како нација и култура на меѓународно ниво. Тој апелираше до ВМРО-ДПМНЕ да размислат и да ја согледаат, како што рече, грешката што ја направија во случајот со Преспанскиот договор и да се солидаризираат кон легитимирање на нацијата и интегрирање на земјата во ЕУ.
„ Мислам дека ВМРО ДПМНЕ има толку капацитет и програмски и кадровски за да рефлектираат околу политичките случувања и околу геополитичките прашања кои се важни за државата и за регионот“, рече Ахмети.
Тој излезе и со храбра оценка дека Македонија ќе стане членка на ЕУ побргу отколку што се очекува.
„Ако некогаш сме мислеле дека ќе ни требаат 10 години за членство во ЕУ, сега јас верувам дека за 3-4 години ќе бидеме членка на ЕУ, бидејќи и околностите се сменија во полза на тоа овој пат да се забрза. Јас сум оптимист, секогаш сум бил и ќе останам, без да се крене белото знаме. Поминавме многу соочувања и тешкотии и успешно ги завршивме важните поглавја и за државата и за стабилноста. Најголемите оптимисти не мислеа дека некогаш ќе бидеме членка на НАТО, но тоа сега е реалност. И големите оптимисти не би верувале дека Македонија како мултиетничка држава може да биде пример за решавање на проблемите“, порача Ахмети.
На форумот организиран за годишнината учествуваше и поранешната вицепремиерка и министер за одбрана и евроинтеграција Радмила Шекеринска, која по заминувањето од Владата замина и од јавноста, а со неа беше и екс-градоначалничката на Тетово, Теута Арифи. Таа ја повика фракцијата на ДУИ да ги има на ум заедничките вредности кои се важни не само за земјата, туку и за Балканот.
„Јас сум личноста која секогаш предупредуваше на „слонови во собата“, бидејќи ДУИ се соочува со голем сериозен предизвик во својата внатрешна дебата и во ситуациите поврзани со нашите внатрешни односи. Мислам дека денес сите заедно, ние и нашите другари каде и да се, треба да ги одбележиме нашите заеднички вредности, кои се важни вредности не само за ДУИ, не само за Албанците, Македонците, Ромите и заедниците од другите етнички, туку и за Балканот воопшто, и тоа е нормално стабилноста. Европското прашање нека биде платформата за развивање на дебатата и за надминување на нашите разлики“, рече меѓу другото Арифи.
Шекеринска, пак, порача дека оние граѓани што се против уставните измени не се против ЕУ, туку се плашат дека ќе има и други барања.

„Тезата дека нема алтернатива, според мене, не функционира. Многумина што ја поддржуваат тезата за уставни измени треба да ги разберат и оние граѓани што велат не. Главно се Македонци, но тој број не е за потценување. Најголем број од луѓето што се против уставните измени не се против ЕУ. Не треба да ги убедиме дека ЕУ е важна, некои знаат повеќе и од нас. Тој отпор не доаѓа од отпорот против ЕУ, туку од стравот дека ова не е крај. И тој страв не е нереален. Се плашат дека по тоа, ќе има нови барања“, вели Шекеринска и додаде дека тие им должат објаснување на овие граѓани.
„Ако молчиме, тогаш и ние сме соучесници“, предупреди таа.
Според Шекеринска, војната во Украина ја сменила геополитичката карта за проширување на ЕУ.По толку години, избира да биде оптимист, но сепак смета дека многу е потешко за малите држави, кои, како што вели, мора да знаат да ја читаат геополитичката карта.
„Кога големи држави прават стратешки грешки, тоа е грешка и има цена, но кога мали држави прават грешки, тоа е катастрофа. Сите анализи покажуваат дека нѐ очекува многу тешко лето. Во најдобро сценарио, влегуваме во продолжен период на геополитички ривалитет. Треба да знаеме кај сме. Според мене, фер е да ги поставиме отворено прашањата. Дали вистински е возможно дека војната во Украина ја смени геополитичката карта, па сега има поголем апетит за проширување? Одговорот е да“, рече Шекеринска.

На паралелната прослава поранешната десна рака на Ахмети, Муса Џафери, порача дека судирите меѓу двете групи во овој политички субјект продолжуваат и дека се принудени да бараат тргање на зборовите „20 отсто“ што се однесуваат на албанскиот јазик во Уставот бидејќи од ДУИ велат дека сега не е време.
„Ние не го зборуваме јазикот на 20%, ние го зборуваме и пишуваме албанскиот јазик. Тогаш како да не реагираме и да не протестираме, кога од нашата партија ни велат дека не е време албанскиот јазик достоинствено да се означи и именува како албански јазик“, рече меѓу другото Џафери. (Н.В.)