ДУИ ја одби резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ


Фото: Б. Грданоски

Македонските црвени линии околу идентитетските прашања со Бугарија изгледа не се и црвени линии на Демократската унија за интеграција, затоа што тие по денешните разговори со ВМРО-ДПМНЕ ја одбија предложената резолуција.

Вчера СДСМ објави дека ја прифаќа резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа го направија и помалите партнери во коалицијата на социјалдемократите. Ставот на СДСМ денеска го потврди и вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, кој во Берово изјави дека ќе дадат поддршка на секоја резолуција или декларација со која се штити македонскиот јазик и идентитет.

„Станува јасно дека сите ние го штитиме и јазикот и идентитетот и сето она што е македонско. Не е воопшто прашање и нема воопшто потреба да се стави под прашање каква било резолуција. Ние ќе дадеме поддршка на резолуцијата. Веруваме дека сите постапки ќе завршат во парламентот и со тоа потврдуваме дека ниту јазикот, ниту посебностите, ниту идентитетот некој ги ставил на маса или преговарал во целиот овој период“, изјави Николовски, одговарајќи на новинарски прашања.

По средбите во Собранието, Алијанса на Албанците побара владејачките СДСМ и ДУИ да го усогласат ставот за резолуцијата да се донесе со консензус. Алтернатива објави дека ќе заземат став откако прво за ова ќе дискутираат партиските тела.

Каква ќе биде судбината на оваа резолуција засега не е познато. Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе направи промени во нејзиниот текст за потоа да се усогласи со сите партии би требало да се знае во наредните денови?

На некој начин се очекуваше ваков одговор на ДУИ по млаката реакција од партијата минатите денови. Изгледа дека главното прашање за партиите од албанскиот политички кампус е дали со усвојувањето на ваквата резолуција почетокот на преговорите ќе биде блокиран на подолг рок доколку двете земји останат на позиции кои не можат да се приближат. И дали на тој начин може да биде блокирана во наредниот период и Албанија. (Н.В.)