ДУИ ја обвини СДСМ дека не се однесува како опозициска партија на ВМРО-ДПМНЕ


Демократската унија за интеграција денеска преку соопштение ја обвини СДСМ, со која беше во коалиција во мината влада, дека се однесува како „заробена“ партија, а не како опозициска партија на ВМРО-ДПМНЕ.

„Наместо да се бори против актуелната власт, СДСМ се однесува како „заробена“ партија, која не се осмелува вистински да ја предизвика Владата, туку само ја легитимира со своето молчење и согласност“, велат од ДУИ.

Според ДУИ, оваа трансформација не е случајна, туку била резултат на како што велат „необјавениот договор меѓу Мицкоски и Заев“, да обезбеди имунитет, во замена за власт што ќе го елиминира политичкото влијание на Албанците.

„СДСМ веќе не е опозиција, туку тивок гарант на проект што им служи само на две групи: на ВМРО-ДПМНЕ и на оние што сакаат да го вратат назад процесот на политичка и економска еднаквост на Албанците“, се вели во соопштението на ДУИ, која што порачува дека СДСМ како партија што тврди дека е левичарска, „мора да се врати на својот идеолошки идентитет и да ги брани принципите врз кои е изградена: граѓанска еднаквост, правична застапеност, еднакви можности и општествен напредок“.

„Молкот и покорноста пред националистичките агенди не е патот на СДСМ – тоа е патот кон нејзината конечна пропаст“, велат од ДУИ.