ДУИ жали за коментарите на Заев, но се надева на соработка со СДСМ и по 15 јули


Демократската унија за интеграција изрази вечерва, како што велат во нивната реакција „жалење за денешните коментари на претседателот на СДСМ и наш актуелен владин партнер, Зоран Заев“, но исто така се надеваат дека нивната успешна соработка ќе продолжи и по изборите на 15 јули.

Како што додаваат од оваа партија, ДУИ не се кае за коалицијата со СДСМ во 2016 година, на локалните избори 2017 година, за референдумот во 2018 година и на Претседателските Избори 2019 година.

„Напротив, сметаме дека нашата соработка и го промени името на земјата, го промени Уставот, го заокружи договорот со Грција и Бујарија како и нормативниот дел од Охридскиот мировен Договор заедно со реформите во безбедносниот систем, администрацијата и судството, затоа и не се каеме  што ја започнавме коалицијата во 2016 година со поразената партија во многу специфични околности“, велат од ДУИ и додаат дека соработката за време на локалните избори донесе убедлива победа за СДСМ во Скопје, Куманово, Велес, Битола, Охрид и во многу други општини и дека не се каат што му помогнеле на СДСМ.

„Исто така не се каеме затоа што имавме заедничка кампања за Референдумот за промена на името, а ниту за тоа што не дозволивме одржување на предвремени парламентарни избори по референдумот, но инсистиравме на пронаоѓање на минимум 8 пратеници за промена на Уставот, и тоа го направивме“, велат од ДУИ и нагласуваат дека последните Претседателски избори беа победа за нивниот концепт за консензуалност „затоа што се покажа дека партиски кандидат за Претседател не победува, но кога е консензуален тој или таа победува“.