ДУИ и „Вреди“ се договорија: Не влегуваат во влада ако нема уставни промени

За не повеќе од шест месеци мора да се завршат уставните измени и Македонија да ги продолжи преговорите со ЕУ, изјави синоќа Таравари на дуелот со Османи


 

Арбен Таравари, претседателскиот кандидат на албанската опозиција, синоќа ги олади надежите на ВМРО-ДПМНЕ и повикот на Христијан Мицскоски за коалицирање, велејќи дека „Вреди“ и ДУИ имале џентлемнски договор да не влегуваат во влада која нема да ги направи уставните промени. Таравари тоа го кажа синоќа за време на дебатата со другиот претседателски кандидат, Бујар Османи, на ТВ 21.

„Сигурно г. Ахмети ви кажал, ние имаме џентлменски договор дека ‘Вреди’ и ДУИ нема да влезат во Влада која нема да прави уставни промени, џентлменски договор“, рече Таравари.

Бујар Османи порача дека тој гарантира, ако се исполнат условите, оти никој нема да може да ја блокира земјата и да поставува нови услови.

„Уставни промени во текот на 2024 година, отворање на поглавјата во текот на 2024 година, затворање на поглавјата до крајот на 2028 година и 2029/30 да се користат за ратификација на договорот за членство, 2030 година да седнеме на маса како 28 земја-членка на ЕУ. Мислам дека може, прозорецот на можноста е тука, топката е кај нас, дали ќе можеме да ги порачаме нашите обврски кои ги преземавме во овој процес. Ви гарантирам дека ако ние ги исполниме задачите кои ги презедовме, нема да може ни Бугарија, ни Грција, да го блокира членството. Или да постави нови услови“, порача Османи.

Таравари наведе дека првото патување како иден претседател ќе му биде во Брисел од каде ќе се бара од високите претставници на ЕУ да нема други услови за Македонија освен последниот како што се уставните измени.

„И со ова да се вратиме во Македонија и мандатарот на кој му се дава мандат за формирање на влада да му се бара динамика со рокови за спроведување на уставните измени. Не велам за месец, два или три туку да не биде повеќе од шест месеци со цел ова да заврши и Македонија да ги продолжи преговорите со ЕУ. Кога го отвораме Уставот секако дека треба да преговараме уште неколку нешта“, рече Таравари, мислејќи на одредницата 20 отсто.

Според Османи овие избори биле народен референдум за тоа каква држава сакаме.

„Овие избори се специфични, не се обични како бирање меѓу мене, г. Таравари или другите пет кандидати, туку е одлука на граѓаните каква држава и каква иднина сакаме. Бидејќи се наоѓаме пред две патишта, едниот овозможува бериќетна европска иднина и друг пат кој нѐ носи во изолација, без перспектива и нејасност. Овие избори се народен референдум за тоа каква иднина сакаме, се наоѓаме на овој крстопат кој ќе ја определи судбината на луѓето кај нас“, вели Османи.