ДУИ и при формирањето на владата ќе бара претседателот да се избира во Собранието


Арбер Адеми (Фото: Б. Грданоски)

 

Потпретседателот и портпарол на Демократската унија за интеграција, Арбр Адеми на денешната прес-конференција истакна дека барањето на ДУИ претседателот на државата да се бира во Собрание ќе остане и при составувањето на идната влада.

„Ова барање ќе биде и по првиот и вториот круг на претседателските избори, и по парламентарните избори, и при составување на владата. Така што, овие вакви и слични изјави сме ги слушнале и кога го промовиравме концептот за прв премиер Албанец. Ама тоа се оствари. Ние мислиме дека ова е многу прогресивна идеја. И заштеда на буџетски средства, но и да се спречи заморот на граѓаните од учеството и во собирањето на потписи и во учеството на кампањата за функцијата претседател на држава. Имајќи предвид дека сме парламентарна демократија логично би било претседателот на државата да се избере во Собрание“, рече тој.

Ова, посочи тој, ќе овозможи претседател со целосен легимитет, заштеда на над 20 милиони евра во државата, десетици илјади граѓани ќе бидат поштедени од процесот на собирање потписи, сите граѓани исто така ќе бидат поштедени од кампањата и учеството на изборите за протоколарна функција.

Адеми нагласи дека не е прогресивно ако се твреди дека една државна функција е резервирана само за една етничка заедница, а при тоа да не се води сметка за квалитетот.

„Не е прогресивно ако велиме дека една државна функција е резервирана само за една етничка заедница, а без да водиме сметка за квалитетот. Често пати има изјави до кога со етнички квоти, нели? Имало изјави кога ќе се фокусираме на квалитет? Ете, најквалитетен претседателски кандидат имаме сега, зошто не би била прогресивна оваа идеја и зошто не би била прогресивна ако претседателот на државата како и во другите парламентарни демократии биде избран во Собранието, а не на непосредни избори имајќи ги предвид и уставните норми“, истакна Адеми.

„Легитимитетот на тој претседател, кој ќе се избира во Собранието со двојно мнозинство и со двотретинско и со Бадентерово мнозинство ќе биде многу, многу поголем отколку легитимитетот добиен со 41, 42 отсто од вкупниот број на гласачи во избирачкиот список. Затоа тука ја гледаме прогресивноста на оваа идеја“, рече тој.

Адеми потенцира дека Арбен Таравари е разрешен во својата матична партија и смета дека нема кредибилност да се  претставува како личност која е обединувачка во целото општество. 

„Сметаме дека  Бујар Османи е на сосема друго ниво, сосема друг профил на политичар, европски политичар кој достоинствено ја претставувал и ја претставува државата на меѓународно ниво, а за тоа говори и државниот секретар на САД Блинкен и Министерскиот совет на ОБСЕ, кој се организираше во Скопје. Од осамостојувањето до сега немало таков меѓународен настан кој се организираше под покровителството на Бујар Османи“, рече Адеми.

На прашањето дали Османи ќе се откаже од министерската функција кога сега официјално влегува во трката за претседател, Адеми истакна дека нема никаква уставна или законска пречка во овој процес тој да биде во функцијата на министер за надворешни работи и да учествува на претседателските избори.