ДУИ ги соопшти министрите: Османи во МНР, Бесими во финансии, Груби вицепремиер, Нуредини и Бектеши на старите места


Бујар Османи ќе биде министер за надворешни работи, Фатмир Бесими ќе го води Министерството за финансии, Насер Нуредини и Крешник Бектеши ги задржуваат ресорите што до сега ги водеа – министерствата за животна средина и за економија, vo министерството за политички систем и вицепремиер ќе биде Артан Груби, додека дополнително ќе биде одлучено кој ќе биде министер за информатичко општество и администрација. За оваа функција деновиве се споменуваше името на Ширет Елези, досегашна заменик министерка за финансии.

Ваквиот избор на ДУИ, по постигнување на коалицискиот договор за формирање влада со СДСМ, го соопшти вечерва лидерот на партијата Али Ахмети, по состанокот на партискиот Генерален совет.

Тој рече дека првиот премиер Албанец била нивната цел на изборите, како и дека во кампањата нагласиле дека таквата определба е напредок за еднаквост за подобар живот и за иднината за сите.

„Токму оваа цел ја постигнавме заедно и го заокруживме историскиот договор за раководење во заедничка влада. Нашата цел беше да се постигне еднаквост“, рече Ахмети додавајќи дека ДУИ се потрудиле да добијат поддршка и од другите партии на Албанците, но тие не одговориле на нивната покана.

Претходно беше соопштено дека претстедател на Собранието и во новиот состав ќе биде Талат Џафери.

Одговарајќи на новинарски прашања како се надминати несогласувањата на партиското членство од Чаир и Куманово со овие кадровски решенија, Ахмети рече дека имало дебата, а сите одлуки се донесени со договор.

– Мнозинството на Централниот одбор ги прифатија овие кандидати кои се предложени. Сите се овде од ограноците, нема партија која што нема што дебата за овие прашања. ДУИ секогаш е транспарентна и на крај сите ја поддржаа одлуката која е добиена со мнозинство. Нема вознемирувања, природно е овие прашања да имаат дебата до последен момент. Сите заседанија на партиски тела се во присуство на медиумите и транспарентни, истакна Ахмети.

Според претседателот на ДУИ, идната Влада како и во минато и во иднина со демократското начело на консензус ќе ги носи сите одлуки.

– Консензуалноста се применува во носење на буџетот, како и сите одлуки, таму каде што нема консензус нема функционалност. Сите влади се политички влади и на прво место за нас е начело на консензуална демократија. Тоа беше беше и порано и сега и нема да има никаква промена. Како ќе се регулираа во Владата носењето на одлука на премиерот и првиот вицепремиер не сум правник за да дадам интерпрертација, рече Ахмети.

На прашање како ќе пристапи новата Влада кон економскиот развој на земјата Ахмети рече дека има многу работи на кои ќе се посветат.

– Има проекти чие завршување знаеме дека ќе донесе придобивки за граѓаните. Тоа се автопатот Кичево-Охрид, Скопје-Качаник, гасоводот. Има многу проекти и инвестиции кои треба да продолжат, рече Ахмети.

За Насер Зибери кој беше кандидат за премиер, Ахмети исткана дека тој како нотар продолжува со својата работа и во иднина ќе се одлучува за евентуална функција.

Пред членовите на Советот, Ахмети порача дека 105.000 гласови и 15 мандати ја направија Демократската унија за интеграција победник на предвремените парламентарни избори кои се одржаа пред еден месец.

– Ова влада ќе го продолжи патот кон европската интеграција и евроатланското партнерство и ќе биде заштитник на Преспанскиот, Договорот за добрососедство, и Охридскиот мировен договор, но и ќе спроведе ветинг во политиката и судството, и ќе се фокусира на економскиот развој, рече Ахмети.