ДУИ демантира дека преговара со Груевски за уставните измени

Вестите се лажни и шпекулативни, никој од ДУИ нема контакти со Груевски по неговото бегство, велат од партијата


Демократската унија за интеграција категорично ги демантира, како што велат, „лажните и шпекулативни вести“ за наводни преговори на ДУИ со поранешниот премиер Никола Груевски за обезбедување гласови за уставни измени.

„Ниту еден функционер на Демократската унија за интеграција немал никаков контакт, ниту сега, ниту во минатото, од неговото бегство, за ниту едно прашање, со поранешниот премиер Груевски, па затоа длабоко жалиме за ваквите тенденциозни шпекулации и неточни информации објавени во јавноста. Цениме дека уставните измени се од особено значење за државата и граѓаните затоа ги повикуваме медиумите, граѓанскиот сектор, академската заедница, придонесувачите во јавното мислење да ја третираат оваа тема со најголема сериозност бидејќи таа ја дефинира нашата заедничка иднина.

Опозицијата експлицитно ја поддржува европската интеграција на Северна Македонија и ја повикуваме оваа програмска определба заедно да ја реализираме без партиски изборни калкулации.ДУИ ги поддржува уставните измени и цени дека овој процес ја зајакнува државата и го обезбедува нашиот интегративен процес, но во исто време ги затвора и вековните неправди овозможувајќи нула отворени прашања со соседите“, стои во реакцијата на ДУИ.