ДУИ бара содржини и на албански јазик на веб-страниците на сите министерства

ДУИ во соопштение за медиумите изразува загриженост за непочитувањето на албанскиот јазик на официјалните веб-страници на министерствата при Владата. Од ДУИ велат дека „недостигот на содржина на албански јазик во Mинистерствата за енергетика, транспорт, внатрешни работи и други институции не само што претставува кршење на Законот за употреба на јазиците, туку и намерно исклучување на албанските граѓани од пристап до информации од јавен карактер“.
-Во некои случаи, задржани се само старите двојазични формати од претходната влада, но суштинските содржини, документите и клучните информации се објавуваат исклучиво на македонски јазик. Станува збор за опасен тренд што оди подалеку од техничка негрижа – ова е институционална политика која го ограничува практичното користење на албанскиот јазик и ги поткопува темелите на меѓуетничката еднаквост во државата, стои во соопштението.
Покрај тоа, додаваат од ДУИ, овие случувања доаѓаат во време кога се прават обиди да се доведат во прашање клучните одредби од Законот за јазиците во Уставниот суд.
-Кога државните институции почнуваат да го игнорираат или релативизираат едно од најважните достигнувања на Охридскиот рамковен договор – службената употреба на албанскиот јазик – се испраќа опасна порака за иднината на државната кохезија и меѓуетничкиот соживот.
Во момент кога се случуваат овие сериозни процеси, албанските партнери во Владата се зафатени со внатрепартиски караници за претседател на ВЛЕН, иако секој од нив со помалку од 1% поддршка од граѓаните, и молчат пред овој удар врз правата на албанските граѓани, наведуваат од партијата на Али Ахмети, додавајќи дека „Албанците нема да прифатат да бидат третирани како граѓани од втор ред“.
Ова е второ соопштение од ДУИ во три дена во кое обвинува за дискриминација по етничка линија. Во саботата изразија длабока загриженост за неодамнешните унапредувања во Министерството за образование, каде седум лица биле унапредени на високи позиции, од кои пет државни советници. Од партијата велат дека сите по потекло се Македонци, а ниту еден Албанец, што според ДУИ е демонстрирање на јасен тренд на етничка исклученост од структурата на одлучување.