ДУИ бара одговорност за пратеничката што ги спореди ЕК и Дер Лајен со нацисти
Демократската унија за интеграција го осуди навредливиот речник на пратеничката на ВМРО ДПМНЕ, Олга Лозановска, која во својот скандалозен говор во Собранието ја спореди Европската унија со нацистичкиот режим по посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен вчера во нашата земја.
„Употребата на таква апсурдна реторика, инспирирана од деструктивна антизападна и суштински проруска идеологија, е неприфатлива и нема место во нашето демократско општество.
Апелираме до сите пратеници на зрелост, разумност, почитување на етичкиот кодекс на говор во домот на демократијата и пред се за почитување на поддршката што земјите од Европската Унија секогаш ја давале за демократскиот развој на нашата земја.Пратеничката Лозановска јавно да се извини, а ВМРО ДПМНЕ да се огради од вокабуларот на пратеничката и да побара одговорност за зборовите што ги употреби.
Демократската унија за интеграција повикува на рационалност и зрелост во одлучувањето од сите партии, сега кога е евидентно дека францускиот предлог не влијае на карактеристиките на јазичниот, културниот и историскиот идентитет на македонските граѓани на земјата“, стои во реакцијата на ДУИ.
-Најостро го осудуваме говорот на омраза којшто деновиве опозицијата упорно го шири и се обидува да го наметне во јавноста од собраниската говорница, но и од блокадите и протестите на улица. Главната цел на овие срамни и ниски напади е да го попречат патот на Република Северна Македонија во евроинтеграцискиот процес, соопшти владината прес-служба.
Позициите на Владата се јасни и, како што се наведува, цврсто сме решени да станеме дел од европското семејство каде што и припаѓаме, штитејќи ги националните интереси и македонскиот јазик, порачаа од Владата.