Дуел на новинарка и Лавров: „Крвта на малата Полина е на вашите раце“

Рускиот министер за надворешни работи изјави дека воената операција ќе продолжи „до крај“. Лавров рече дека западните медиуми создале холивудски филм од ситуацијата во Украина


Сергеј Лавров и девојчето Полина што загина во Киев

 

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во четвртокот изјави дека верува оти некои странски лидери се подготвуваат за војна против Русија и дека Москва ќе ја продолжи својата воена операција во Украина „до крај“.

Лавров, исто така, рече дека Русија не размислува за нуклеарна војна.

Не нудејќи никаков доказ за да ги потврди неговите забелешки во интервју за државната телевизија, една недела по инвазијата на Русите во Украина, Лавров го обвини и украинскиот претседател Володимир Зеленски, етнички Евреин, дека претседава со „општество во кое цвета нацизмот“.

Тој рече дека не се сомнева дека ќе се најде решение за кризата во Украина, а наскоро ќе започне нова рунда разговори меѓу украинските и руските претставници.

Но, тој рече дека рускиот дијалог со Западот мора да се заснова на взаемно почитување, го обвини НАТО дека се обидува да ја задржи надмоќта и рече дека иако Русија има многу добра волја, не може да дозволи некој да ги поткопа нејзините интереси. Москва нема да дозволи Украина да ја задржи инфраструктурата што ѝ се заканува на Русија, рече тој.

Москва, исто така, не може да толерира, рече тој, воената закана на Украина, рече тој, додавајќи дека е убеден дека Русија е во право за Украина.

„Мислите за нуклеарна војна постојано се вртат во главите на западните политичари, но не и во главите на Русите“, рече тој. „Ве уверувам дека нема да дозволиме никаква провокација да не исфрли од рамнотежа“.

Русија не се чувствуваше политички изолирана, а прашањето како живее Украина треба да го дефинира нејзиниот народ, рече тој.

Украинските власти ги обвинија руските сили за удари на цивилни области, но Лавров рече дека руските трупи имаат строга наредба да користат високопрецизно оружје за уништување на воената инфраструктура.

Без да понуди никакви докази, Лавров рече дека Русија има информации дека САД се загрижени поради можноста да ја изгубат контролата врз, како што опиша, хемиските и биолошките лаборатории во Украина и ја обвини Британија дека таму гради воени бази.

Во еден момент дојде до вербална пресметка меѓу рускиот министер за надворешни работи и новинарката на Канал 4, Кети Њуман, а поттикот беше прашањето „дали Русија се подготвува да се брани на суд од обвиненијата за воени злосторства“. Лавров во тој момент ги загуби нервите и ја искара новинарката.

„ Дали со исти емоции ги следевте војните и цивилните жртви во Ирак и Либија? Таму беа убиени илјадници невини цивили“.

Њуман му одговори.

„Да, ги следев тие војни. Но, вие ја започнавте оваа војна и крвта на малата Полина е на вашите раце“.

Полина е девојчето кое загина во Киев, наводно била убиена од руски саботери.

Сепак, споменувањето на починатото девојче воопшто не ја ублажи реториката на Лавров.

„Ова полека се претвора во шоу. Разбирам дека ја следите оваа криза онака како што сакате да ја следите, но се надевам дека имате совест и дека еден ден ќе се сеќавате на мртвите девојчиња во Донбас во последните осум години“.

На прес-конференцијата што ја свика, Лавров ги спореди САД со Наполеон и Хитлер.

„Порано Наполеон и Хитлер имаа за цел да ја освојат Европа – сега тоа го прават Американците“, изјави шефот на руската дипломатија.

Тој додаде дека западните медиуми создале холивудски филм од ситуацијата во Украина и дека луѓето „не треба да го гледаат“.