Дуда: Полска е подготвена да прими американски сили доколку Германија не сака


Полскиот претседател Анджеј Дуда изјави дека Полска со задоволство би ги прифатила американските сили доколку Германија не ги сака на нејзина територија.

„Ако Германија не сака американски сили, не сака партнерство со Соединетите држави, ние ќе бидеме многу среќни да прифатиме партнерство со САД“, изјави Дуда за полската телевизија Полсат њуз.

Тој реагираше на овој начин на тврдењата на лидерот на германската Христијанско-демократска унија (ЦДУ) и најверојатен нов канцелар Фридрих Мерц дека американскиот претседател Доналд Трамп не се грижи за Европа и дека таа итно треба да ја зајакне својата одбрана, објави Политико.

Дуда додаде дека е заинтересиран целата соработка што Германија ја има со САД да ја пренесе во Полска.

Тој ги нарече САД сигурен сојузник, нагласувајќи дека Вашингтон постојано покажал во изминатите 100 години „дека кога ќе се врати во игра, е во состојба да го прекине секој вооружен конфликт“.

„Го видовме тоа за време на Првата светска војна, го видовме тоа за време на Втората светска војна, токму овде во Европа“, рече Дуда.