„Дубиоза колектив“ одржа политичка лекција


Годинешниот „Пивофест“ во Скопје нуди богата музичка програма од домашни и странски изведувачи и многу вкусови на пиво. Стадионот на АРМ овие четири дена, додека трае фестивалот, е вистинско место за љубителите на добрата музика и пивопијците. Првата вечер започна со музиката на „Палиндром“, а потоа продолжи со миленикот на ангдерграунд сцената, Горан Трајковски.

Меѓу познатите негови песни, тој завчера ја отсвире и „Passover“, песна што ја одбележа кариерата на култниот македонски состав „Анастасија“, чиј дел беше и Трајковски. Истиот ден се навршуваа 25 години од добивањето на „Златниот лав“ во Венеција за филмот „Пред дождот“ во режија на Милчо Манчевски. „Passover“ беше дел од саундтракот на филмот на Манчевски, па нејзиното изведување пред домашната публика беше своевидно прославување и на филмот и на музиката.
По Трајковски на сцената се појавија веќе одомаќинетите „Дубиоза колектив“ кои како и секогаш успеваат да направат вистински позитивен хаос. Тие направија и еден експеримент со публиката, преку кој испратија силна порака во однос на поделбите на балканските народи.


Ја замолија публиката да се подели на два дела, па на првиот дел му дадоа задача да пее, а на вториот дел од публиката да вика „Уа“, потоа им ги сменија задачите. Бидејќи оние што имаа задача да викаат „Уа“ беа многу погласни од оние што пееја, „Дубиоза“ потсети колку е лесно луѓето од Балканот да ги натераш да се мразат едни со други.
– Ете колку е лесно човек да мрази. Ако јас бев политичар, вие ќе се мразевте затоа што така велам јас. Ајде сега да испееме сите во еден глас, оти најдобро е заедно кога пееме – порача еден од членовите на бендот.


Првата вечер беше резервирана и за нашиот диџеј со светска кариера, Кирил Џајковски, а вечерта се заокружи со „Дискобајаги“. За музичкиот дел на втората вечер се погрижија Д-р Неле Карајлиќ, хип-хоп дуото од Црна Гора „Who See“, ултра популарната и провокативна трап-банда MVR SVR, најпознатиот реге- бенд кај нас „Conquering Lion“ и нивните сограѓани „Këpurdhat“.
Во следните три дена од „Пивофест“ ќе настапат и Џамбо Агушев со својот оркестар, српскиот бенд S.A.R.S., пионерите на македонската рап-култура „Чиста околина“, „ZeeBomb“, „Паркети“, „Let 3“, џипси-ска бендот „Baildsa“, а фестивалот ќе го затвори српскиот рок-бенд „Ван Гог“.