Дуа Липа со бегалците во Либан: Ова беше емотивно патување за мене


Либан – Поп-ѕвездата Дуа Липа (23) отпатува во Либан за да се сретне со деца и млади лица во камп за бегалци. Најголем дел од нив се бегалци од 8-годишната војна во Сирија.

Младата пејачка , чии родители го напуштија Косово за време на конфликтот, сподели фотографии од тридневното патување организирано од УНИЦЕФ.

„Во изминативе три дена, работејќи со УНИЦЕФ, се сретнав со деца во живеалиштата за бегалци и во рамките на програми за тренинг и стекнување на вештини. Тоа беше искуство кое најмногу ми ги отвори очите. Но сакам да зборувам конкретно за бегалците бидејќи чувствувам лична поврзаност кога ги гледам луѓето да се адаптираат на секакви околности во кои се ставени поради конфликт. Ниту едно семејство ниту едно дете не избира да го напушти својот дом. Сите имаат соништа. Сите тие заслужуваат еднаквост и место каде што ќе можат да живеат, да учат и целосно да го достигнат нивниот потенцијал“, изјави Липа.

Таа разговараше со деца и млади лица за препреките и предизвиците со кои тие секојдневно се соочуваат, како образование, наоѓање работа и слично.

„Можете да читате за условите или да ги видите предизвиците на ТВ, но не можете да ги почувствувате апсолутно ужасните околности за бегалците од Сирија, сè додека сами не ги видите“.

„Најмоќното нешто што го видов беше надеж“, рече Дуа опишувајќи 15-годишна девојка која сонува еден ден да се врати во Сирија и да стане шминкерка. „И покрај сите изговори што може да ги има за да се откаже, таа секој ден учи и вежба за еден ден да може да го оствари својот сон“, додаде таа.