ДС предлага да се оди на избори во септември и влада составена од сите партии
За Демократскиот сојуз, партијата која има еден пратеник во Собранието, врвен национален, стратешки и државен интерес е одржување предвремени парламентарни избори. Заедно со изборите треба да има и договор за стратешките правци на Македонија за таа да се придвижи напред!
ДС го претставува и можниот компромис, онака како што го предложи и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – избори во септември. Партијата, преку соопштение, вели дека македонија досега направила многу компромиси, но дека промена на Уставот за Бугарите да бидат внесени во него, без реципроцитет и гаранции од ЕУ, не може да има компромис.
Демократскиот сојуз има план: Прво, договор за стратешките цели и коренити реформи во правосудниот систем, владеење на правото; второ, донесување нов Устав, ослободен од Бадентер, балансер и други решенија кои ја задушуваат демократијата и развојот на државата; трето, одржување парламентарни избори во септември.
По изборите, треба да се формира влада од сите партии застапени во Собранието, а премиерот да го предложи онаа што ќе има најголем број пратеници. Таа влада треба да спроведе силен политички и развоен концепт. „Македонија треба да ги искористи геостратешките раздвижувања и да бара прием во ЕУ во следните две до три години“, велат од ДС.