Државните ревизори не можат да влезат во ниту една државна институција

Државните ревизори веќе не можат да влезат и да направат финансиска контрола во ниту една државна институција. Вработените во Заводот велат дека не можат да си ги вршат редовните задачи, бидејќи парламентот им ги врза рацете. Имено, Заводот за ревизија со месеци нема главен ревизор, а од почетокот на месецот му истече мандатот и на в.д. директорот.

„Не можеме да вршиме официјална кореспонденција, затоа што немаме кој да ги потпише документите од наша страна. Едноставно кажано, не можеме да влегуваме во институциите, бидејќи прво треба да ги известиме, а тоа не можеме да го направиме без официјален ферман со потпис и печат“, коментираат вработени во Заводот.

Вработените денеска беа на состанок и одлучија утре да ја известат јавноста и да апелираат до надлежните проблемот да биде решен.

Работата е заглавена во парламентарната Комисија за избори и именувања. Членовите не успеваат да усогласат решение за нов главен државен ревизор, поради тоа што во ова собраниско тело, мнозинство го има опозицијата, а од нејзините редови е и претседателот Илија Димовски.

Тој денеска најави дека течат меѓупартиските консултации и доколку се оди во најдобар ред, оваа работна недела ќе биде предложен главен државен ревизор.

Заводот за ревизија неодамна најави контрола во сите обвинителства, меѓу кои и на згаснатото СЈО.