Државните карантини во Македонија се во хотели и пансиони


Еден од хотелите каде има државен карантин е „Молика“ близу Битола

Освен што се пред сериозен предизвик да го обезбедат јавното здравје дома, државите во оваа светска пандемија на коронавирусот се исправени и со извлекување и враќање на свои државјани од странство и нивна грижа во државните граници.

Постапката речиси во сите држави е иста, откако лицето доаѓа од друга држава мора да помине задолжителен период во карантин и самоизолација кој трае од 14 до 28 денови.

Соочени со временски теснец, вонредни околоности но и зголемен број на лица кои мора да бидат во карантин, многу држави се снаоѓаат така што овие лица ги сместуваат во веќе постоечки неискористени капацитети или поради масовноста се одлучуваат за адаптирање на спортски објекти или едноставно подигнуваат шатори.

Во соседна Србија најголемата спортска сала Белградска арена е претворена во масовно карантинско одделение, а слично е и со спортските сали во Ниш, Нови Сад и сите поголеми градови. Дел од повратниците во Србија биле сместени во мигрантскиот центар во Суботица кој беше наменет за мигрантите од големата мигрантска криза. Какви се условите во тој центар можете да видите во видеото. https://youtu.be/OmfDNd0bVx8

Слични се условите и во Грција и таму повратниците се сместуваат во стари и неискоритени објекти.

Во Босна и Херцеговина некои од карантините се во шатори

Во Босна и Херцеговина во пограничните места веќе одамна функционираат шатори во кои луѓето го поминуваат нивниот карантински период.

Како е во нашата држава?

Лицата кои во Северна Македонија се преземаат од други држави доаѓаат преку хуманитарни летови, а по претходно пријавување и согласност дека ќе ги подмират трошоците за авионски превоз и ќе отседнат во државен карантин 14 денови.

Со цел да се зрижат повеќе граѓани во соодветни услови, Владата донесе Уредба со која преку јавен повик ангажираше приватни хотели и сместувачки капацитети за престој на лицата во државен карантин.

Ова ја чини државата по 10 евра дневно од човек додека трае карантинот, а додека се изолирани, граѓаните на располагање имаат апартмани и соби, три оброци и редовни здравствени прегледи.

 

Сликите кои се објавуваат на социјалните мрежи доловуваат дека карантинот се одвива во етаблирани хотелски капацитети со високо ниво на хигиена и професионалност на вработените.

И покрај тоа некои лица, според одредени информации не сакаат да постапуваат по задолженијата, а некои мислат дека наместо во карантин се наоѓаат на 14-дневен одмор па се случува да бараат и многу повеќе од она што е пропишано и од она што го плаќа државата.