Државните карантини се безбедни – сместени 1.082 граѓани


Фото: Б. Грданоски

Владата апелира до граѓаните на земјата да бидат уверени дека сите мерки што се преземени за прифаќање на нашите државјани кои се најдоа во странски земји се по највисоки здравствени стандарди.

Во 19 сместувачки капацитети обезбедени се 2.104 легла во моментов, а од нив пополнети до сега се 1.082 легла.

– Граѓаните сместени во државните карантински објекти не се закана за никого, а објектите ги обезбедуваат полицијата и војската. Ниту еден граѓанин сместен во државен карантин во периодот од 14 дена не смее да ја напушти сопствената соба, ниту објектот, а секој кат од секој сместувачки објект е строго контролиран и обезбеден од војската и полицијата. За секој од нив е направена епидемиолошка анкета и определен е соодветен режим во карантинскиот објект кој е целосно безбеден и строго контролиран и надгледуван. Нема ниту најмал простор за загриженост, а најмалку за паника, обезбедени се највисоки здравствени стандарди и протоколи – соопштија од Владата.

Сите мерки што се преземени, за утврдување на локацијата и објектите за карантин, се направени исклучиво согласно препораките на Светската здравствена организација и врз сериозни и стручни анализи и проценки.

– Во таа насока, целосно ја поддржуваме Општина Битола која повика на состојбата на солидарност, човечност, колективност какви што граѓаните на Битола секогаш покажувале. Наша заедничка мисија нека биде граѓаните сместени во објектот предвиден за државен карантин да ги поминат во мир 14-те денови во изолација, бидејќи тие не се таму по сопствена волја, туку исклучиво заради строгото спроведување на мерките кои се преземаат во нашата земја и во целиот свет за справување со пандемијата -додаваат од таму.