Државниот завод за статистика одбележува 77 години постоење


Националниот статистички систем во Република Северна Македонија и Државниот завод за статистика како негов координатор денеска ќе ја одбележат 77-годишнината од своето постоење.

Како што информираат од ДЗС, во рамки на одбележувањето на овој значаен датум ќе биде објавен нов сет на податоци од Пописот 2021 – податоци за образовните карактеристики на резидентното население во Република Северна Македонија, како и податоци за неговата економска активност. Во овој сет на податоци ќе бидат објавени и податоците за попреченоста на населението. Податоците ќе бидат достапни во Макстат базата (линк).

Како дел од одбележувањето на Денот на македонската статистика денеска во 12 часот, во Домот на Армијата ќе биде отворена изложба на слики од уметникот Живко Поповски – Цветин, кои тој му ги подарил на Заводот пред две години – по повод 75-годишниот јубилеј, но кои поради пандемијата не можеа да бидат изложени за пошироката јавност. На настанот ќе се обрати и директорот на ДЗС, Апостол Симовски.