Државниот врв положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев, ситуацијата мирна (Галерија)

Нема инциденти, дури не ни е напнато околу „Свети Спас“. Полицијата постапува според строги безбедносни протоколи за ситуацијата да не излезе од контрола


Фото: Б. Грданоски

 

Во прилично воздржана атмосфера и програма која што одеше набрзина државниот врв положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев во скопската црква „Свети Спас“ за да го одбележи денот на неговот раѓање. Цвеќиња положија и претставници на политички партии.

Претседателот Стево Пендаровски беше сам, додека премиерот  Димитар Ковачевски беше придружуван од уште неколкумина министри. Во име на собранието цвеќе положи потпретседателот Горан Мисовски заедно со уште двајца пратеници. 

На почетокот од денешното одбележување своевидна литургија за Делчев одржа поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископот Стефан.

Никој од нив не даде изјава за новинарите, туку брзо го напуштија местото. Подоцна премиерот Ковачевски се обрати преку Фејсбук.

„Идеалите на големиот визионер Гоце Делчев, кој пред повеќе од еден век го разбрал светот како поле за културен напредок меѓу народите, се разбран аманет и патоказ за политиките на Владата на Република Северна Македонија, поставени на дијалогот и на почитувањето, како врвни културолошки и цивилизациски придобивки. Пораките на Делчев за единство и сплотеност, кога станува збор за националните интереси и за државните стратешки цели се подеднакво актуелни и денес. И се света обврска за секого“, наведува Ковачевски во објавата.

Четиричлената делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ се појави многу подоцна од нив. Неа ја предводеше претседателот Христијан Мицкоски, откако колоната од неколку стотици вмровски членови беа запрени долу под калето да се се приближат до „Свети Спас“ поради строгите безбедносни протокол. 

Фото: Б. Грданоски
Фото. Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски