Државниот врв денес на одбележувањето на годишнината од трагедијата во Кочани
Беџ со скршено срце на кое пишува Кочани и датумот 16.3.2025 годинаа, носеа државните претставници кои денеска присуствуваа на одбележувањето на годишнината од трагедијата која однесе 63 животи, а со повреди остави повеќе од 200 лица. Беџот на реверот од сакото на премиерот Христијан Мицкоски го стави Габриела Наунова, мајка на трагично загинатата Надица Наунова, а ист доби и претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова.Двајцата беа во првиот ред во Паркот на револуцијата во Кочани, каде што утрово се служеше молитва за упокоените во трагичниот настан.
Со верскиот обред чиноначалствуваше митрополитот на Бреганилничката епархија, г. Иларион, во сослужение со свештеници од црковниот храм во градот, посветен на „Св. Великомаченик Георги“.По молитвата, Мицкоски и Сиљановска-Давкова чекаа во ред да се потпишат во Книгата на жалоста, што беше отворена во Паркот на револуцијата.

„Денес во Кочани оддаваме тивка, но длабока почит кон невините животи што прерано згаснаа. Една година подоцна, болката и празнината сè уште се чувствуваат во секое срце, но заедно со нив живее и сеќавањето на недовршените соништа“,напиша Мицкоски на Фејсбук.
Вели дека со голема почит се потпишал во книгата на жалоста како искрен чин на почит кон настраданите и како израз на солидарност со нивните семејства.
„Нека споменот за нив остане вечен, а нашата заедничка човечност и единство нека бидат сила што ќе нè води напред. Со длабоко сочувство кон семејствата, Кочани памети, Македонија памети“, наведе премиерот.
Тој додаде дека присуствувал и на комеморативниот настан „Ден на сеќавање – 16 март 2025“ во Центарот на културата „Бели мугри“ во Кочани.Во Паркот на револуцијата беше поставена инсталацијата „63 бели столчиња – 63 животи“, со што симболично почна одбележувањето на годишнината од трагедијата.
Шеесет и трите бели столчиња се наредени на отворено, а на нив е ставена по една бела роза за спомен.
„63 бели столчиња, 63 имиња, 63 животи што недостигаат – секое столче ја носи тишината на едно отсутно присуство, бела роза за спомен, светлина за сеќавање и место што никогаш нема да биде исполнето“,е пораката со која семејствата на загинатите ги пречекаа присутните пред Домот на културата во Кочани.

Болката и сеќавањето на настанот кој ги потресе Кочани и целата држава уште рано изутрината одекнаа во градот, каде што се одржа собир во спомен на настраданите во трагедијата.Собирот, организиран од Здружението на граѓани „16 март 2025 Кочани“, започна симболично во 2:15 часот пред објектот каде што се наоѓаше т.н. кабаре „Пулс“.Во 2:32 часот со свеќи во рацете и со една минута молк, собраните родители и граѓани им оддадоа почит на загинатите во страшниот пожар.

Во Кочани беше и лидерот на СДСМ Венко Филипче. Тој оддаде почит кон прерано згаснатите млади животи, изразувајќи сочувство до нивните семејства Филипче исто така посочи дека не постојат зборови со кои може да се опише болката и тагата што ја чувствуваат родителите и најблиските на загинатите.

„Денеска во Кочани оддаваме длабока почит кон прерано згаснатите млади животи. Не постојат зборови што можат да ја опишат болката и тагата на семејствата кои ги загубија своите најмили. Сочувство до родителите и нивните најблиски. Нека им е вечен споменот“, напиша Филипче.






