Државниот секретар и четворица вработени во МВР одат во самоизолација


Пет лица меѓу кои и државниот секретар во Министерството за внатрешни работи Магдалена Несторовска одат во самоизолација во домашни услови во рок од 14 дена, а останатите 62 анкетирани лица се враќаат на работно место со почитување на мерките, откако вчера беше утврдено дека двајца вработени во бифето на првата зграда во кругот на МВР се позитивни на корона вирус.

Од МВР информираат дека во текот на вчерашниот ден од страна на епидемиолошкиот тим од Институтот за јавно здравје, а  врз основа на доставен список на сите вработени кои имале контакт со двајцата вработени, направена им е епидемиолошка анкета на  67 лица, а воедно е направена и  дезинфекција на сите работни простории во зградата.

– Во извештајот кој денеска го добивме од епидемиолошкиот тим  преку анкетниот прашалник утврдено е нивото на ризик кај анкетираните, при што кај пет лица е утврдено средно ниво на ризик, а меѓу нив е и државниот секретар во МВР г-ѓа Магдалена Несторовска.   Петте  лица одат во самоизолација во домашни услови во рок од 14 дена од последниот контакт со лице позитивно на Ковид 19 ,за останатите анкетирани  62 лица кои се проценети со низок ризик  се препорачува задолжително носење на респираторна маска /заштитна маска за целото време на работниот процес. Истите може да се вратат на работно место, стои во соопштението од МВР.

Министерството за внатрешни работи апелира до сите вработени за правилна и постојана употреба на лична заштитна опрема, одржување на соодветно растојание, често миење и дезинфекција на раце. Во канцелариите каде се сместени вработените, постојано да се врши проверување на просториите, а вработените задолжително да носат лична заштитна опрема  додека се на работното место.