Државниот карантин се заменува со домашна самоизолација со направен ПЦР тест


Доколку лицата вратени од странство со хуманитарни летови или конвои во последените 72 часа пред да влезат на територија на Република Северна Македонија, имаат направено ПЦР тест за коронавирусот КОВИД-19, наместо во задолжителен државен карантин, ќе се упатуваат во задолжителна домашна самоизолација.

Како што соопшти владината прес-служба ова е предвидено со изменета и дополнување на Одлуката за спроведување на задолжителен државен карантин на државјаните на Република Северна Македонија вратени од странство со хуманитарни летови или конвои донесени на денешната седница на Владата.

-Наместо задолжителен државен карантин, задолжителна домашна изолација се определува и за странци за кои Главниот координативен кризен штаб одлучува во случаи на постоење државен или економски интерес, и кои ќе приложат соодветна медицинска потврда со негативен резултат од ПЦР тест, со задолжително придржување до протоколите од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, соопштија од Владата на РСМ.