Државниот архив одбележа 75 години: Посветени сме на дигитализација и обука на ИТ-кадар
„Столб на македонската држава, колективна меморија“ е мотото со кое Државниот архив на Република Северна Македонија денеска свечено одбележа 75 години од основањето во 1951 година, со указ на тогашната влада. По седум и пол децении постоење, предизвик на институцијата е дигитализација на документите. Директорот на Архивот, Димитар Богески, изјави дека прават анализи колку би ги чинело дигитализацијата не само на Државниот архив туку и на деветте подрачни одделенија во негов состав.
Имаат пилот-проект од владата на Словенија за информациски систем, односно софтвер, на кој дигитализираниот материјал, рече, ќе го закачат и ќе биде достапен за научната јавност и за заинтересираните граѓани. Со оглед дека иднината е во електронски документи, Богески соопшти дека ќе изработат план за техничките услови што треба да ги создадат за Архивот за наредните сто години и планот ќе го претстават пред Владата,
– Доаѓа ерата на електронски документи, кои ќе треба некаде да се складираат. Треба да се формираат информациски системи – дали ќе бидат на облак или на сервери и потоа тие системи треба да бидат заштитени од кибернапади. Тоа ние треба да го одработиме во овој период. Кадар ни недостига, особено во информатичката технологија, но се снаоѓаме, праќаме луѓе на обука. Од септември Државниот архив ќе понуди финанисрања за дооформување на знаењето и за дообука на одреден број вработени, кои го немаат соодветното знаење – изјави Богески.
По 40-ина години поминати во стариот објект (од 1969), Државниот архив од 2014 година е сместен во нов објект и таму беа оштетени документи во архивските депоа поради проблемот со протекување. Богески изјави дека проблемите се санираат и оти состојбата сега е многу подобрена.
– Во депоата секојдневно се санираат проблемите што ќе се појават, не е иста состојбата отколку пред неколку месеци, сега се во многу подобра состојба од претходно. Се надеваме дека во најбргу што може ќе ги решиме сите и дека повеќе ќе немаме проблеми од ваков вид. Во однос на конзервацијата и реставрацијата, секторот го дополнивме со нови вработени и веќе работиме секојдневно на оштетените документи. Дополнително, со Архивот на Турција имаме склучено договор и мислам дека во мај таму ќе испратиме тим на дообука за современи методи на конзервација и реставрација – рече Богески.
За набавка, односно откуп на документи поврзани со Македонија, кои се наоѓаат во архивите на други земји, како што рече, имаат програма за истражување и нив да ги донесат овде, но дека процесот е скап.

– Правиме програма во која ги вклучуваме и Институтот за национална историја и Катедрата за историја при Филозофскиот факултет и онаму за каде што ќе имаме средства, несомнено дека ќе испратиме луѓе и ќе донесеме документи и материјали што се поврзани со Македонија. Во Државниот архив исто така имаме речиси 3.500 микрофилмови, архивска граѓа донесена од други држави, но, за жал, досега не се обработени и не знаеме што содржат. Формиравме тим со задача да направи попис и опис на тие микрофилмови, да знаеме точно со каква граѓа раполага Државниот архив. Се надеваме дека ќе дојдеме до голем број документи, што ќе бидат од исклучително значење за нашата држава – истакна Богески.
Според директорот на Државниот архив, може да се гордееме со стари и ретки документи и со нивното соодветно чување. Најстариот документ е Евангелието на Лука од 12 век, најден во фондот на охридското семејство Робевци од 19 век. Раритетни и исклучително значајни, рече, се и документите од османлискиот период.
– Во нашите депоа имаме документи што ни самата Османлиска Империја ги немала, како, на пример, Битолскиот кадилак, кој во периодот од 1629 до 1912 година во континуитет се наоѓа тука, во Македонија, а го немала Империјата, па врз основа на меморандум за соработка беа тука (истражувачи од Турција), ги дигитализираа и сега ги поседуваат, но во дигитална форма. Она на што ние може да се гордееме е дека оригиналите се наоѓаат кај нас во Државниот архив. И не само тоа – целиот континуитет на државноста на Македонија, основните документи се наоѓаат во Државниот архив, и затоа денес нашето мото е „Столб на македонската држава“ – изјави Богески.
Во согласност со меморандумот, Државниот архив со Турција соработува и за истражување на архивите во таа земја од османлискиот период поврзани со Македонија.
– Врз основа на овој меморандум и од досегашните искуства ние немаме проблем за истражување. Единствен проблем се финансиските средства. Кога ќе имаме доволно финансии за истражување, ние праќаме истражувачи таму, Архивот е отворен и немаме проблем со истражување во таа ризница на документи, кои се поврзани со Македонија – додаде директорот на Државниот архив.

На настанот по повод јубилејот беа доделени благодарници на поддржувачите и пријателите на Државниот архив, меѓу кои и „Алкалоид“. Благодарницата за континуираната поддршка и придонес во развојот и афирмацијата на Државниот архив, во име на компанијата, ја прими генералниот директор и претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.
Мукаетов истакна дека Архивот не е само збир на документи, туку жив доказ за постоењето, континуитетот и за идентитетот на една држава. Тој посочи дека при неодамнешното истражување за потеклото на документацијата на „Алкалоид“ се увериле во исклучителната вредност на фондот што го поседува Државниот архив, оценувајќи дека станува збор за институција со богато историско и документарно наследство.
Државниот архив функционира преку девет подрачни одделенија и девет подрачни архиви, во кои се чуваат околу 8.000 архивски фондови, односно приближно девет километри архивски материјал.