Државниот архив на состанок на националните архиви на ЕУ во Хелсинки


Во рамки на 40. средба на Бордот на директори на европските национални архиви на Европската унија, што се одржува во Хелсинки, учествува и Емил Крстески, директор на  македонскиот Државен архив. Северна Македонија учествува на состаникот како земја набљудувач и новиот директор на Државниот архив е единствен претставник од земја која не е членка на ЕУ. 

-Привилегирана можност е да се учествува на ваков собир и да се изнесат нашите размислувања и планови во однос на прашањата што се тема на настанот. Тоа е од посебно значење  пред пред почетокот на преговорите на нашата земја со ЕУ – вели Крстески. 

На дводневниот состанок во Хелсинки, главна теми се: искуствата на националните архиви на земјите-членки на ЕУ во однос на дигитализацијата, значењето на технолошкиот развој за напредокот на архивистиката, како и потребата од поголема транспарентност и отвореност на архивите за непречен пристап на домашни и странски истражувачи. Беше нагласено, исто така, и неопходноста од потесна соработка на националните архиви со државните институции, пред се, со владите, парламентите и локалните власти.

Инаку, ваквите средби на Бордот на директори на националните архиви на ЕУ, на кои учествуваат и претставници на Европската комисија, се одржуваат двапати годишно, а домаќин е земјата претседавач со ЕУ.