Државници и милијардери на Светскиот економски форум во Давос


Швајцарија- Светскиот економски форум, кој еднаш годишно се одржува во Давос, Швајцарија, почнува денеска и ќе трае до 24 јануари. Главни теми на годинешниот собир се климатските промени и дејствување, а една од најважните сесии е „Спречување на климатската апокалипса“.

Се најавуваат 3 илјади учесници од 117 земји во светот-милијардери, банкари и политичари  на светскиот престижен настан кој годинава одбележува 50-годишен јубилеј.

Ќе присуствуваат и шведската климатска активистка Грета Тунберг, но и американскиот претседател Доналд Трамп и германската канцеларка Ангела Меркел. Трамп во Давос се враќа по 2018 година, а своето обраќање треба да го одржи токму на денот кога американските сенатори ќе ја отворат постапката за негово отповикување од должноста.

Од Македонија  во Давос ќе замине министерот за надворешни работи, Никола Димитров, кој ќе учествува на панел за Западен Балкан, а ќе има најверојатно и билатерални средби.

Во Давос, претходните години учествуваше екс премиерот, Зоран Заев. Таму тој имаше средби со екс грчкиот премиер, Алексис Ципрас, со кого разговараа за името, но и со Јенс Столтенберг од НАТО и поранешениот еврокомесар Јоханес Хан. Лани во Давос, Заев имаше средба и со филантропот и финансиер Џорџ Сорос, основач на Фондациите Отворено општество (ФОО) и со Патрик Гаспар, претседател на ФОО.

.