Државната секретарка за труд Лори Чавез-Деремер ја напушта администрацијата на Трамп
Американската државна секретарка за труд, Лори Чавез-Деремер, ја напушта администрацијата на претседателот Доналд Трамп, соопшти синоќа Белата куќа.
Директорот за комуникации на Белата куќа, Стивен Чеунг, преку платформата Икс објави дека Чавез-Деремер ќе премине на функција во приватниот сектор, додека со Министерството до понатамошно известување ќе раководи нејзиниот заменик, Кит Сондерлинг.
Чавез-Деремер е трета жена што се повлекува од Владата во последните седум недели. Таа со месеци се соочуваше со притисок поради повеќе истраги. Според извештаи на „Вашингтон пост“ и други медиуми, истрагите беа насочени кон можни прекршувања поврзани со користење буџетски средства, како и обвинувања за несоодветно однесување на функцијата.
Инаку, надзорни тела во САД отпочнаа истрага по добиени поплаки за проблематична работна средина во Министерството. Три вработени жени атмосферата во ресорот ја опишале како непријателска, во која персоналот е изложен на одмазди, објавија „Њујорк Тајмс“ и „Нујорк пост“.
Според медиумски извештаи, на сопругот на Чавез-Деремер му бил забранет пристап до Министерството, по обвинувања за сексуално недолично однесување кон вработени.
Чавез-Деремер ги отфрли обвинувањата.
Таа беше на функцијата државен секретар за труд од март 2025 година, а претходно беше член на Конгресот како пратеник од сојузната држава Орегон. Нејзиното назначување беше оценето како неочекувано поради нејзините про-синдикални ставови.
Трамп во почетокот на март ја разреши и секретарката за внатрешна безбедност, Кристи Ноем.
На почетокот на април, и јавната обвинителка Пам Бонди која беше критикувана за постапувањето во случајот со Џефри Епстин, исто така беше принудена да ја напушти функцијата.