Државната кардиологија доби американска донација од 567.000 долари


 

Универзитетската клиника на кардиологија „Мајка Тереза“ во Скопје, Македонија доби донација од медицинска опрема во вредност од 567.800 американски долари од организацијата „World Medical Relief“ со седиште во Мичиген, реализирано со логистичка поддршка од Здружението на резидентни лекари – RDA. World Medical Relief соработуваше со Обединетата македонска дијаспора и медицинската мисија „Датилио“, заедно кои ги покрија трошоците за контејнерот од Мичиген до Македонија преку Драч, Албанија.

Пратката со медицинска опрема ќе овозможи современ пристап и третман на пациентите во Клиниката. Содржината на контејнерот вклучува респираторни системи за нега, маски за кислород, хируршки материјали, хируршки инструменти, ортопедски предмети, И.В. залихи, гази, завои, кревети за интензивна нега, патерици, кревети, инвалидски колички, дијагностички алатки итн.

Д-р Џорџ Самсон, претседател и извршен директор на World Medical Relief рече: „Бевме во Македонија пред 12 години. Ги видов потребите на луѓето кога се работи за здравствена заштита. World Medical Relief е посветена да им помогне на болните и сиромашните во вашата земја. Одлична земја, љубезни луѓе со големо срце и култура“.