Државен завод за ревизија: Општина Прилеп со буџет без програми


По извршената ревизија на финансиските извештаи и ревизијата на усогласеност на Општина Прилеп за 2022 година, Државниот завод за ревизија констатирал состојби, неправилности и неусогласености од различна природа, кои влијаат на изразување на неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за минатата година и за усогласеноста со законската регулатива на сметките 630 и 637 на основен буџет.

Според Државниот завод за ревизија, во буџетот на општината не се уплатени 447.154 евра или 27 милиони и 500 илјади денари, надоместоци за одржување на јавна чистота и урбано зеленило и комунална такса за користење простор за паркирање, а за побарувањата од 263.626 евра не постои законски основ за нивна наплата, зашто должниците се избришани од евиденција во Централниот регистар на Република Северна Македонија. Mатеријалните средства во подготовка не се соодветно сметководствено евидентирани, не е обезбедена заштита на општинскиот имот, а се констатирани и неправилности во извршување на пописот на средствата и обврските.

-Отсуствува граѓанското учество при креирањето и реализирањето на буџетот и транспарентност во јавното информирање, а Советот на општината усвојува буџет за кој нема донесено програми за активностите кои се во надлежност на општината, се наведува во соопштението на Државниот завод за ревизија.

На ЈКП „Комуналец“ како субвенција му се исплатени 1.028.276 евра или 63 милиони и 239 илјади денари без целосна поткрепувачка документација за извршениот обем на активности од годишниот план на претпријатието. На спортски клубови, здруженија на граѓани, фондации, талентирани ученици и социјални бенефиции се исплатени средства без донесени програми, а корисниците не доставуваат извештај за потрошените средства и не се објавени на веб-страницата на општината.

 

Државниот завод за ревизија има забелешки на средствата исплатени како субвенции за потрошена вода на ранливи групи граѓани, како и на исплата на еднократна парична помош без прецизно утврдени критериуми.

Општината како инвеститор не обезбедила соодветна законска документација при изградба и реконструкција на локални патишта и улици, канализациона мрежа и нема завршни извештаи за нив, ниту технички прием. Слична е состојбата со реконструкцијата и доградбата на мостот на Градска река на улицата „Трајко Николоски“ кој е пуштен во употреба без комплетна изведбена документација што е ризик за безбедноста.

-За изградбата на подрачното основно училиште „Рампо Левката“ во месноста викана Баба Чаир, Општината исплатила средства но не го презела ниту го обезбедила новоизградениот училиштен објект, поради што објектот е уништен, руиниран и демолиран, а учениците од одделенска настава од населбите Сточен пазар и Жабени, се без училишна зграда, стои во соопштениот на Државниот завод за ревизија за работата на општина Прилеп за 2022 година.

Што се однесува до привремено ангажирани лица во работата на локалната самоуправа, од 41 ангажирано лице 10 од нив се за подолг период од две години и тоа укажува на намалена транспарентност при вработувањето, субјективност во изборот на лица, повластена положба во постапката на нивно ангажирање. На Ревизијата не и биле презентирани документи за направени расходи, проектна документација, налози за работа, одобренија за градба, по склучени договори за услуги за поправки и одржување на јавното осветлување, за реконструкција и изградба на улици, патишта, тротоари и пешачки патеки и изградба на детска градинка.

-Изградбата на градинката во населбата Точила се реализира како тригодишна капитална инвестиција и по спроведена јавна набавка на работи, склучен е договор со вкупна вредност од 2.166.943 евра или 133 милиона и 267 илјади денари, со рок на изведба не подолг од седум месеци. По започнување на изведбата, изведувачот го известува инвеститорот за утврдени неусогласености на предвидените позиции во проектот со предмер. Завршната ситуација не е одобрена од Општината како инвеститор, зашто вредноста на договорот е надмината за 9 милини и 570 илјади денари, за која не е склучен анекс на договорот. Несоодветно изработената предмер пресметка и неусогласеноста со проектната документација влијае на реализацијата на градбата и доведува до зголемени трошоци и неизвесност за завршување на започнатата инвестиција, соопштува Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизијата на усогласеност на Општина Прилеп за 2022 година

За утврдените состојби, ревизијата дала препораки за надминување на утврдените состојби.