Државава единствена во регионов без вонредна состојба


Фото: Б. Грданоски

Додека Србија, Косово, Албанија, Бугарија и други држави прогласија вонредна состојба, Северна Македонија се справува со коронавирусот преку мерките на Владата. За жал, поголемиот дел од мерките се со препораки, кои пак помал дел од граѓаните не ги почитуваат, што е доволно за брзо проширување на вирусот.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев вчера на лидерската средба кај претседателот Пендаровски побара прогласување вонредна состојба која, според него, има алатки на транспарентен начин и загарантиран со Устав, Владата до крај да ги искористи сите инструменти за пуспешно справување со безбедносно-здравсвената сотојба на населението и државата, како и и да испорача сериозни мерки за стопанството.

Вонредната состојба, според преседателот Стево Пендаровски може да дојде на маса, за справување со економската ситуација, бидејќи во тој случај Владата може да владее преку уредби со законска сила, а не за носење мерки кои ќе го спречат ширењето на вирусот.

Фото: Б. Грданоски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски смета оти не е потребно во моментов да се прогласува вонредна состојба, особено, затоа што, како што рече, иако е предвидена во Устав нема закон кои институции како би функционирале. Тој и неговата партија предлагаат 30 дневна кризна состојба, а дури потоа експертските да дадат мислење и да се прогласи вовредна ситуација, која во услови на распуштено Собрание би ја донел претседателот Пендаровски.

Според Член 125 од Уставот, вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии. Постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници. Одлуката со која се утврдува постоењето на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена. Ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.

Доколку се прогласи вонредна состојба, Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на вонредната состојба, за што одлучува Собранието. Мандатот на претседателот на Републиката, Владата, судиите на Уставниот суд и на членовите на Републичкиот судски совет се продолжува за време на траењето на вонредната состојба. Со ова техничката Влада би продолжила со работа до одржување на изборите, за кои и беше формирана.

Според Законот за управување со кризи, пак Владата донесува одлука за постоење на кризна состојба, го определува подрачјето зафатено со кризна состојба и соодветно на тоа ги активира механизмите за разрешување на кризната состојба. Одлуката за постоење на кризна состојба не може да трае подолго од 30 дена. Ако кризната состојба продолжи да трае подолго од 30 дена, Владата треба да побара одобрување од Собранието за продолжување на рокот или да предложи прогласување на воена или вонредна состојба.

Во случај на кризна состојба можат да се употребат и ресурсите на јавните претпријатија, установи и служби, како и на трговските друштва кои се од посебно значење за работа во кризна состојба, во согласност со закон. Во случај на кризна состојба, по барање на Владата, врз основа на договор склучен со Центарот или добро волно, можат да се употребат и ресурсите на граѓаните и други правни лица кои не се опфатени во ставот 1 на овој член.
Според законот, во членот 35 се предвидува можност и дел од Армијата да учествува во поддршка на полицијата во услови кога со кризната состојба е загрозена безбедноста на Републиката, а органите на државната управа немаат соодветни ресурси и средства за нејзина превенција и справување. Предлог до Владата за потребата за учество на дел од Армијата, согласно со Стратегискиот одбранбен преглед на Републиката дава Управувачкиот комитет. По предлог на Владата, за учество на дел од Армијата во справувањето со кризна состојба, одлучува претседателот. Претседателот во секое време може да ја преоцени потребата од учество на делот од Армијата.
Северна Македонија прогласи Кризна состојба во Дебар и Центар Жупа од каде, до сега се поголемиот дел од заболените со коронавирусот.