Државата станува единствен сопственик на гасоводот, за опозицијата постапката е неуставна

По долгогодишно преговарање меѓу државата и компанијата „Макпетрол“ и повеќе судски спорови за сопственоста на гасоводот вчера во Собранието е изгласан законот со кој гасоводот преминува во 100-процентна сопственост на државата.

Законот беше изгласан со 60 гласа „за“ и 30 гласа „против“, а за него во изминатите денови на маратонска седница дебатираа пратениците од власта и опозицијата. Законот наиде на остра реакција од страна на опозицијата, според која со ваквото законско решение се кршат повеќе членови од Уставот. Го повикаа претседателот на државата да не го потпишува указот за прогласување на овој, како што велат, скандалозен закон.

– Најавуваме дека ќе поднесеме постапка за оценување на уставноста на овој закон, кој што за жал, луѓето од Владата немаа храброст да го потпишат затоа што знаеја дека ова законско решение е неуставно, па прво пробаа преку Државното правобранителство да го протнат и на крај го најдоа решението преку владејачкото мнозинство и овие 62 пратеници да го потпишат овој закон, изјави вчера координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.

И од партијата „Левица“ информираа дека поднеле барање до претседателот на државата да го употреби своето уставно право на суспензивно вето и да не го потпише законот. Како причини поради кои го бараат ова од претседателот ги наведуваат спротивноста на законот со амандманот 25 од Уставот, штетноста и сомнителноста на законот и спротивноста на законот со членот 55 од Уставот.

Со свое објаснување вчера се јави и компанијата „Макпетрол“ која во соопштение до јавноста нагласи дека никој ништо не и подарува, туку дека е направена проценка на АД „ГА-МА“ од страна на Бирото за судски вештачења и утврдена е пазарна вредност од 65.547.810 евра.

– ГА-МА АД Скопје е формирана како акционерско друштво во сопственост на МАКПЕТРОЛ АД Скопје и Владата на РСМ, со по 50 проценти од вкупниот основачки капитал на Друштвото, во износ од 37.612.500 евра. Од 2006 година до денес, ГА-МА АД има инвестирано неколку десетици милиони евра во развој на гасоводниот систем на земјата. Со цел да се утврди сегашната вредност на ГА-МА АД Скопје, пред реализација на трансакцијата е извршена проценка на пазарната вредност на Друштвото од страна на овластени проценители, ангажирани преку Бирото за судски вештачења како орган на државната управа во состав на Министерството за правда. Со проценката е утврдена пазарна вредност на ГА-МА АД во износ од 65.547.810 евра, од која вредност 50 проценти во износ од 32.773.905 евра му припаѓаат на МАКПЕТРОЛ АД Скопје. Според тоа, на МАКПЕТРОЛ АД Скопје никој ништо не му подарува, наведе Макпетрол во соопштението.

Оттаму посочија дека обврска на компанијата е да го почитува Законот за енергетика и мора да го продаде својот удел од 50 проценти во „ГА-МА“ бидејќи не може истовремено да врши и снабдување и пренос на природен гас.

Договорот за купување на делот на „Макпетрол“ во АД „ГА-МА“ беше склучен минатата година под медијаторство на Европската енергетска заедница. Преминувањето на АД „ГА-МА“ во државна сопственост беше дел од третиот Енергетски пакет.