Државата не се откажува од данокот за солидарност и другите даночни измени, ќе ги „спакува“ со европско знаменце
Бидејќи станува збор за закони со кои се врши усогласување со европските директиви и имплементација на препораки, ќе бидат испратени повторно до Собранието со цел да се вклучат во Националната програма за усвојување на правото на ЕУ, велат од Министерството за финансии
Законите од даночната сфера кои што беа повлечени од собраниска процедура ќе се доработат и повторно ќе бидат испратени во Собранието за нивно усвојување, но овој пат со европско знаменце. Ова е суштината на одговорот од Министерството за финанси на прашањето на Независен зошто се повлечени законите за данокот на солидарност, како и измените и дополнувањата на законите за данок на додадена вредност и на добивка.
Од Министерството за финансии во одговорот велат дека врз основа на анализи и препораки од меѓународните финансиски институции пристапиле кон спроведување даночна реформа во текот на минатата година.
„Преку инклузивен процес со вклучување на сите засегнати страни подготвивме нацрт даночна реформа, која беше преточена во законски решенија кои беа испратени во Собранието, на усвојување. Поради долгиот период кој помина од доставувањето на предлог-законите и неотворање на дебата за да се расправа по законските решенија и можност тие да се подобрат и да стапат на сила како што беше планирано, испративме допис до Собранието на РС Македонија за повлекување на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка по скратена постапка, Предлог законот за измена и дополнување на законот за данокот за додадена вредност, по скратена постапка и Предлог на законот за данокот за солидарност“, велат од Министерството за финансии.
Од таму посочуваат дека „бидејќи станува збор за закони со кои се врши усогласување со европските директиви и имплементација на препораки, ќе бидат испратени повторно до Собранието со цел да се вклучат во Националната програма за усвојување на правото на Европската Унија (НПАА)“.
„Даночната реформа, е значаен дел од реформата во јавните финансии што ја спроведува земјата со цел да воспостави современ и праведен даночен систем и на тој начин да се обезбеди одржливост во јавните финансии. Реформата е поддржана од меѓународните финансиски институции и е дел од препораките на ЕК, а Владата ќе вложи напори да ги спроведе. Од друга страна Законот за данокот на солидарност е еднократен и не е дел од редовната даночна политика и е поддршка за справување со последиците од енергетската криза“, се вели во одговорот на Министерството за финансии до Независен.
Инаку, вчера во Стопанската комора на Северна Македонија, раководството на комората, претседателот Бранко Азески, потпретседателот Зоран Јовановски и извршниот директор Антони Пешев, во име на компаниите членки на оваа асоцијација, побараа Владата трајно да се откаже од воведувањето данок на солидарност.
Тие стравуваа токму од ваквиот исход, законите да се вратат со европско знаменце и на тој начин, како што посочија да ги стават во незавидна состојба компаниите, со оглед дека се изминати роковите врз основа на кои тие ја распределуваат добивката остварена во минатата година.
Со Законот за солидарен данок, државата проектираше годинава да собере околу 80 милиони евра дополнителни приходи, оданочувајќи ги успешните фирми, односно околу 200 компании кои лани оствариле над 10 милиони евра профит, односно делот од профитот кој е повисок за 20 проценти и кој требаше да се оданочува со стапка од 30 отсто. Данокот по оваа основа требаше да се плати до крајот на јуни, но поради собраниски „игри“, законот не беше ниту разгледан на матичната Комисија за финансирање и буџет. Сега, со европско знаме, таквите постапки ќе бидат оневозможени.
„Невозможно е да се гради предвидлива бизнис клима ако со години не се носат клучни, издржани закони кои би го подобриле работењето на компаниите, а се туркаат ад-хок решенија, по скратена постапка. Тоа мора да престане. Мора да научиме да почитуваме принципи и тоа што е договорено, да се имплементира. Не може да се менуваат правилата преку ноќ, ниту треба да се менуваат со секоја промена на власта. Неопходен е континуитет. Бизнисот бара систем, но смета и дека секое решение донесено од страна на државата треба да е добро, не само за стопанството, туку и за граѓаните“, истакна на прес конференција претседателот на комората Бранко Азески.
„Мора да се стопира целосно носењето на овој закон, а ако евентуално повторно се активира постапката за негово донесување, тогаш прво ќе треба да се разговара со бизнисот“, рекоа тие.
Од Комората исто така ги повторија ставот дека станува збор за дополнително оптоварување на фирмите кои и онака најрегуларно ги плаќаат своите обврски кон државата.
Претходно во комората се одржа прес конференција на која што беше посочено дека доколку се намали сивата економија кај нас на ниво на просекот во ЕУ, тоа ќе и овозможи на државата дополнителни буџетски приходи од над 400 милиони евра годишно, што практично е повеќе од пет пат од износот со кој се калкулираа приходите од солидарниот данок.