Државата крева раменици за аферата „Нефа мебел“ – фирмата работела со загуба


Ниските цени на мебелот и неверојатните попусти на гарнитури, маси, ламби ги привлече граѓаните да ги купат и да ги пробаат производите на „Нефа мебел“, компанијата што исчезна преку ноќ од Македонија и Србија и остави и без пари и без мебел стотици граѓани. Главното прашање што се поставува по оваа измама е дали граѓаните можат да бидат заштитени од државните органи кога некој очигледно прави криминал и бега со нивните пари. Дали државата само преку инспекторските служби може да го решава проблемот или кога се работи за грабеж, мора да се вклучат и истражните и обвинителските органи.

Измамените граѓани се чувствуваат беспомошно, не верувајќи дека инспекциските служби можат да им ги вратат парите, а уште поочајни се дека треба да покренат судски парници кои чинат скапо.

„Нефа мебел“ не ги изложуваше своите производи во класичен салон за мебел, туку во сутерените на центрите. Сега измамените си ги бараат парите што ги дале да им бидат вратени или го бараат парчето мебел што го нарачале.

Скопјанката Лена Младенова дала 10.500 денари за кревет кој бил изложен во салонот во Градски трговски центар. На 15 мај влегла во салонот и потпишала договор дека за 30 дена ќе добие таков кревет. Иако го побарала експонатот кој бил изложен, сепак вработените ѝ кажале дека немаат практика да ги продаваат експонатите, па морала да чека. Не можела да остави капар, туку требало да ја плати целата сума. Сепак, креветот што го порачала за да го изненади својот син не ѝ стигнал, а веста дека преку ноќ се испразнија салоните ја остави шокирана. Оштетените формирале интерна група, но не знаат како да си ги вратат парите. Производите што им изгледале евтини ги платија прескапо.

Според податоците до кои дојдe „Независен весник“, „Нефа мебел“ била основана на 17 јануари 2018 година на улицата „Михаил Чаков“ во скопската населба Кисела Вода. По два месеца, фирмата го префрлила седиштето на улица „Манапо“ во населбата Карпош, а по повеќе од една година нема ни трага ни глас од сопствениците. Според официјалните податоци од Централен регистар, сопственик на „Нефа мебел“ во Македонија е „Холодекс“, друштво со ограничена одговорност од Белград. За нешто повеќе од една година „Нефа мебел“ сменила тројца управители, а само еден од нив е Македонец. Прв управител на фирмата била Ана Ростокина, од 24 јануари до 16 мај 2018 година. По неа, најдолго време, до 10 мај оваа година, непосредно пред измамата, управител е извесен Дане Тодоровски. Актуелен управител од 10 мај па досега е Јулијана Вицо.

Според податоците од Централен регистар, фирмата ја завршила минатата година со загуба од над 350 илјади евра.

Во 2018 имале приход од 36.970.000 денари, а расходи од 59.662.000 денари, односно годината ја завршиле со загуба од 22.691.000 денари, односно над 350 илјади евра.

Компанијата е регистрирана со основачки влог од пет илјади евра и нема долгови.

„Нефа“ имала 14 подружници во Македонија, три во Скопје, магацин во Студеничани и продавници во Куманово, Прилеп, Штип, Струмица, Тетово, Битола, Велес, Струга, Охрид и Гостивар.

Главното прашање што сега се поставува е кој ќе ги обесштети граѓаните. Иако има стотици измамени, досега има само четири претставки до Државниот пазарен инспекторат и три пријави до Министерството за внатрешни работи.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, вели дека малата бројка на претставки се должи на тоа што најверојатно на голем дел од измамените не им поминал рокот од 30 дена, до кога треба да им биде испорачана стоката.

„Оние на кои им истекол рокот реагирале до Пазарната инспекција и ние во рок од триесет дена треба да излеземе со извештај, записник дека е точно дека поминал рокот во кој ќе им се испорачаат стоките. Ние стапивме во контакт со вработените, тие рекле дека во наредниот период ќе им бидат испорачани, меѓутоа доколку не се испорачаат во рок од триесет дена, ние треба и на странката да ѝ одговориме. Доколку не постапат според она што е законски и да го испорачаат предметот, ние ги казнуваме“, вели Стојко Пауновски.

Тој им порачува на оштетените да ги бараат своите пари преку судска постапка.

„Сега слушнав дека си заминале сопствениците, но ќе има некој во Македонија што е одговорен за тоа претпријатие. Покрај казната, со записникот странката има право да си поднесе тужба и сето тоа да го бара преку суд. Сигурно ќе се формира некоја стечајна маса, сигурно има нешто инвентар врз основа на кој ќе се обесштетуваат купувачите. Имаат можност по судски пат да си ги бараат средствата што ги дале. Наша работа е да вршиме надзор над она што е поднесено како претставка“, вели Пауновски.

Од Организацијата за заштита на потрошувачите велат дека во вакви случаи не можат  да интервенираат.

„Со оглед дека е настаната ваква ситуација во која сопствениците затвориле и се во бегство, граѓаните мора да интервенираат до Државниот пазарен инспекторат каде што ќе ги достават веродостојните документи (доказ за купување и за плаќање) и треба да бараат да им одговорат дали се во можност да интервенираат. Договорот се раскинува поради неисполнување на обврската, но оштетените треба да консултираат адвокат поради судска постапка. ОПМ во вакви случаи не може да интервенира затоа што се работи за различни оштетени побарувања на граѓаните“, велат од Организацијата.

Засега кривично не се гони никој од фирмата. Министерството за внатрешни работи утврдува факти и прибира докази и до Јавното обвинителство ќе достави детална информација за податоците. Откако од МВР ќе пристигнат сите информации, Обвинителството отвора предмет. Ако се утврдат елементи на сторено кривично дело, се отвора истражна постапка против конкретен сторител.

Измамата одекна во Србија

Измамата први ја објавија српските медиуми каде што фирмата „Нефа мебел“ го произведувала мебелот. Фирмата практично преку ноќ го затвори производството во Врање и Сомбор и 34 продажни салони со 550 работници и ги остави на цедило.

„Поради технички преглед на автомобилот, морав да замина во Русија.“ Ова е последната порака што Максим Максимов, директор на „Нефа мебел“, им ја испратил по електронска пошта на менаџерите во Србија само неколку дена пред руската фирма преку ноќ да исчезне од Србија, заедно со директорот.

Според податоците што ги објавија српските медиуми, 49 отсто од „Спилит“ е во сопственост на белградската фирма „Холодекс“, а 51 отсто е во сопственост на рускиот партнер „Корол Диванов“, додека „Холодекс“ е стопроцентен сопственик на „Нефа мебел“, чиј директор е Максимов.

Зад овие фирми стои и рускиот бизнисмен Андреј Ходасевич, сопственик на две големи фабрики за мебел во Русија, познат како кралот на креветот.

Според последните информации во српските медиуми, постои реална можност фабриката за мебел во Врање да биде продадена, а производството повторно да почне. Според информациите на весникот „Вечерње новости“, во петокот попладне раководството на градот Врање успеало да стапи во контакт со рускиот сопственик Андреј Ходасевич, кој градската управа ја известил дека има намера да ја продаде фабриката. На прашањето зошто исчезнале преку ноќ, одговорил дека бил незадоволен од менаџментот и стоката. Според него, работата во последно време одела лошо поради лошиот квалитет на производите, кој го потврдувале честите рекламации, поради што трпел бизнисот.

Од друга страна, работниците тврдат дека имале толку многу работа, што никој не користел годишен одмор, како и дека произведувале стока не само за српскиот пазар туку и за БиХ, Македонија и Словенија.

Фросина Факова – Серафиновиќ