Државата ќе почне да го продава земјоделското земјиште во втората половина на 2021, најмалку ќе може да се купат 10 хектари

Продажбата на државното земјоделско земјиште ќе почне во втората половина на 2021 година, за што ќе биде потребно претходно да се донесат неопходните законски измени, а најмалата површина која ќе може да се купи ќе биде 10 хектари. Земјиштето ќе можат да го купуваат домашни физички и правни лица, но компаниите можат да имаат и странски капитал, рече вечерва премиерот Зоран Заев во емисијата „Економски магазин“ на „Алсат М“.

Како што додаде, веќе имало фирми од Катар и од други земји кои што биле заинтересирани да добијат земјиште под концесија, но кога разбрале за намерата на Владата земјиштето да се продава, најавиле регистрирање на фирми во земјава.

„До јуни очекувам да заврши дебатата, а во втората половина од идната година ќе почнат постапките за продажба на земјоделското земјиште“, рече Заев.

Земјоделското земјиште нема да смее да се пренаменува во градежно земјиште, туку ќе мора да се користи за земјоделско производство. Доколку не се користи, односно доколку некој го купи и не го стави во функција, тогаш ќе плаќа три пати поголем данок на имот, појасни Заев.

Вкупната вредност на земјоделското земјиште со кое што располага државата се проценува на околу 2 до 2,5 милијарди евра, но премиерот очекува дека ќе може да се продадат околу 10-15 отсто од што би се инкасирале околу 200 до 300 милиони евра.

Постојните концесионери ќе имаат предност да го купат земјиштето кое што сега го користат по пат на директна спогодба според пазарна цена која дополнително ќе биде определена, а доколку не сакаат тогаш со земјиштето ќе располагаат додека трае концесијата. Потоа, тоа ќе биде понудено на продажба, рече Заев.

Тој нагласи дека државното земјоделско земјиште е сериозен ресурс за развој бидејќи оние кои ќе го имаат ќе бидат заинтересирани да вложуваат во производство и да го развиваат бизнисот, да добиваат банкарски кредити и тн.

Заев исто така додаде дека компаниите кои доаѓале од Катар и од други блискоисточни земји имале намера да одгледуваат јагниња, за производство на јагнешко месо или за одгледување крави и дека биле заинтересирани за поголеми површини – од над 3.000 хектари, пасишта и слично.

Тој исто така додаде дека и домашни добростоечки компании кои располагаат со капитал можат да се вклучат во оваа постапка.

Во однос на можностите за злоупотреба земјиштето сепак да се пренамени како градежно и на него да се изградат згради или други објекти, Заев одговори дека од приватизација ќе биде изземено земјоделското земјиште во околина на населените места, а ќе биде понудено на продажба она каде што нема да може да се прави таква пренамена. (М.Ј.)