Државата бара кредити со поголема рочност и пониски камати
Владата и Министерството за финансии се во потрага по кредитори кои ќе овозможат позајмици со подолг рок на отплата и помали камати, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски. Тој одговарајќи на новинарско прашање на прес конференција, рече дека можностите се испитуват на дневно ниво, како и дека како опција е и издавање еврообврзница и други начини на финансирање.
„Еврообврзница или други начини на финансирање – сите ги испитуваме на дневно ниво. Со оглед на ранливоста на финансиските пазари и на исклучителното високо ниво на каматните стапки во изминатиот квартал, секторот за меѓународни финансии во МФ работи на задолжување од извори кои што овозможуваат поголема рочност и најниско можно ниво на каматните стапки“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека се работи дневно, од различни извори на финансирање со цел да се добие најниска каматна стапка во моментов која што е можно да се добие.
Инаку, годинава државата треба да отплати 314 милиони евра долг, а од друга страна буџетскиот дефицит е проектиран на 694 милиони евра.
Новинарите прашаа како ќе се врати овој долг, дали со обезбедување кредит од ММФ од 900 милиони евра кој беше најавен, или со издавање еврообврзница или со евентуално задолжување кај домашните банки
„Да тоа е бројката на годишен ануитет и камати, станува збор за стари задолжувања на државата и камати што се плаќаат по нив. Инаку, задолженоста на државата на 30 јуни е 55,4 отсто од БДП за јавниот долг и 46,7 проценти на државниот долг што значи дека ние сме под Мастришкиот критериум од 60 отсто кој во услови на корона криза и продолжена енергетска економска криза и војна во Украина во голем дел е веќе надминат кај повеќе држави“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека практично сите држави во соседството освен Бугарија го имаат надминато овој праг, а некои го имаат надминато за повеќе од два пати.
„Ние имавме определба со Министерството за финансии да водиме исклучително одговорна политика во однос на јавниот долг и затоа е на 55,4 проценти до БДП во овој момент.
Во однос на меѓународното задолжување и домашното задолжување, веќе имаме еден дел од 100 милиони евра кредит за поддршка на ликвидноста на Електростопанство со оглед на енергетската криза во која што се наоѓаме и веќе е во процедура едно задолжување од 50 милиони евра“, рече Ковачевски.