Другите општини во Македонија ќе помагаат во Скопје да се исчисти од ѓубрето


Скопските градоначалници почнаа да бараат помош од други градови да им испратат возила за собирање на комунален смет поради бојкотот на скопските комуналци и натрупаноста на Скопје со ѓубре. Велат дека поради хаосот кој настана поради штрајкот во јавното претпријатие „Комунална Хигиена“, неопходно е веднаш самите да го решаваат проблемот со натрупаниот смет во контејнерите.

„Побарав помош од градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, кој ќе испрати соодветни возила за собирање на комунален смет. Вечерва екипите на Комунален пункт на Општина Ѓорче Петров заедно со механизација од Општина Велес ќе бидат на терен“, објави градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојковски.

Помош од Велес побарал и градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, а помошта ќе стигне уште вечерва.

„Граѓаните на општина Бутел не смеат да бидат заложници на нечие несовесно работење“, истакна тој.

Аеродром ќе го чистат комуналците од Штип. Градоначалникот Тимчо Муцунски порача дека најважна е грижата и здравјето на граѓаните.

„На мое барање, градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов одобри испраќање на механизација и работници кои со поддршка на општинските капацитети, вечерва ќе спроведат акција за расчистување на натрупаниот смет од контејнерите. Благодарност до Иван и Општината Штип за поддршката и помошта. Ние, утре со своите расположливи капацитет продолжуваме да работиме на расчистување на сметот и контејнерите“, вели Муцунски.

Градоначалникот на Гази Баба, Стефковски пак остварил телефонска комуникација со градоначалниците на општините Илинден и Петровец, Александар Георгиевски и Борче Митевски со кои се договориле да испратат камиони за собирање на сметот од контејнерите во општина Гази Баба.

„Ја мобилизирав дел од администрацијата и целото ЈКП Гази Баба и во текот на вечерта ќе се превземат теренски активности за подигање на сметот , рече Стефковски.

Претходно денес, Општина Центар објави дека сама ќе го собира отпадот оти состојбата е алармантна.

Комуналците бојкотираат и не го собираат отпадот откако директорката Косана Мазнева не им го продолжи договорот на стотина лица, за кои тврди дека 20 години земале плата, а не оделе на работа. Преговорите помеѓу директорката Мазнева и вработените продолжуваат од понеделник.

Данела Арсовска стана градоначалничка на Скопје како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори есента 2021. Тогаш сите сегашни градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ шетаа со неа на изборните митинзи и ги повикуваа граѓаните да гласаат за Арсовска како жена менаџер, која ќе го направи Скопје модерно место за живеење.

Во Скопје за прв пат во неговата историја ѓубрето не се собра два дена поради протести на вработените кои се незадоволни од раководството на претпријатието.