Дрско мешање на Бугарија во пописот на Македонија
Хумористични изјави и денес стигнуваат од Бугарија, од каде што највисоките функционери на државата се обидуваат да создадат слика за некаква масовност на граѓани кои се изјаснуваат како Бугари во нашата држава и за нивни загрозени права, иако цела Европа знае колку судски пресуди има Бугарија на оваа тема во Стразбур и дека ЕП го отвори прашањето за непочитувањето на правата на малцинствата во нивната земја.Во оваа најпримитивна политичка предизборна кампања досега во која се препукуваат главно на сметка на Македонија и на Русија, мешајќи се најдрско во внатрешните работи на нашата држава, се јави и претседателот Румен Радев. Тој бара „соодветна реакција од одговорните институции во Бугарија и во Македонија“, откако добил писмо од „етничките Бугари“ во Македонија во кое изразуваат загриженост од „натамошното дискриминирање во Република Северна Македонија“. Бугарското МНР одговори дека секогаш реагирало на таквите сигнали на дискриминација на сите дипломатски нивоа.
Радев во барањето до институциите се повикува на човековите права и заштита од дискриминација како основа на демократијата и вели дека тие се дел од Копенхашките критериуми за членство во Европската Унија. Според него, почитувањето на слободното право на самоопределување на Бугарите во Македонија, кои и покрај „сите репресии во тоталитарното минато, продолжуваат отворено да го потврдуваат својот бугарски национален идентитет“ е клучниот чекор во развојот на добрососедските односи меѓу двете држави.
„Над 100 илјади граѓани во РСМ имаат бугарско државјанство, добиено врз основа на изразување на слободна волја и потврда за нивното бугарско етничко потекло. Илјадници други се во процедура на разгледување на барањата. Овие објективни факти очекуваме да се земат предвид при спротивставувањето на официјалните власти на РСМ против јазикот на омраза кон Бугарија и Бугарите во РСМ. Бугарите во РСМ треба да имаат исти права како и другите граѓани во државата, со почитување на највисоките светски и европски стандарди“, вели Радев.
Тој уште ги поддржува барањата до бугарските институции за олеснување на процедурите за добивање бугарско државјанство за оние „со бугарски идентитет во РСМ“, а институциите во Македонија да обезбедат услови и да го гарантираат правото на Бугарите на слободно и јасно самоопределување како Бугари по потекло во согласност со меѓународното право.