Дронови ги погодија Санкт Петербург и Одеса


Зградата погодена од дрон во Санкт Петербург

 

Експлозија се случи во петкатна станбена зграда во Санкт Петербург, Русија. Според неколку медиуми, дрон удрил во зградата.

Немаше жртви како резултат на „инцидентот во областа Красногвардеиски“, напиша гувернерот на градот Александар Беглов. Тој не ја наведе причината за експлозијата. „Нема жртви. Делумно е оштетено застаклувањето на балконите на две куќи. Жителите на погодените станови беа евакуирани“, рече Беглов.

На еден километар од куќата каде што се случи експлозијата се наоѓа магацинот за нафта Ручи, во сопственост на Петербуршката компанија за гориво, подружница на „Роснефт“. Таа била цел на дронот.

За време на двегодишната војна, околу 400 населби во Русија беа цел на оган, при што загинаа најмалку 150 цивили.

Во исто време две лица загинаа, осум се ранети, додека уште неколку се водат за исчезнати по руски напад со дрон врз станбен блок во Одеса, соопштија денеска украински официјални претставници.

Украинскиот претседател Володомир Зеленски на каналот Телеграм наведе дека „Русија продолжува да се бори против цивилите. Еден од непријателските дронови погоди станбена зграда во Одеса. Уништени се 18 станови“.

Претседателот Зеленски ги повика партнерите да испратат во Украина повеќе оружје и технички средства за нејзината портиввоздушна одбрана. 

Тој додаде дека со дронови ноќеска биле нападнати и Харков и регионот Сума.