„Дрисла“ нема ограда, имало три неуспешни обиди за потпалување

Полицијата ќе испитува дали вработени во „Дрисла“ или пак надворешни лица имаат удел во пожарот што веќе неколку дена гори на депонијата, најави денеска директорот на Дирекцијата за заштита и спасување и шеф на Главниот штаб за управување со кризи, Стојанче Ангелов. Тој информира дека до вечерва, а најдоцна утре ќе биде затрупана со земја површината на која во моментов чади, заради што е донесена дополнителна механизација.
Иако, новинарските екипи беа повикани во „Дрисла“, одблиску да ја погледнат, снимаат и фотографираат состојбата, тоа не беше возможно, затоа што според Ангелов не било безбедно.
Во депонијата денеска има полициско присуство, а се прават и информативни разговори со вработени за да се утврди дали има вистина во наводите дека депонијата се потпалува. Ангелов вели дека менаџирањето со „Дрисла“ е крајно непрофесионално, бидејќи ограда има само на еден дел, а речиси целата површина е незаградена и слободна за пристап на секој, што отвора можност за да се извршат и ваков тип на активности. Во изминатиот период имало уште три обиди за палење на депонијата, кои биле брзо и навремено решени.
– Се работи за површина од 85 хектари, на кои е заграден само делот кај влезот. Има камери за кои се сомневам дека функционираат, што ја прави депонијата лесно достапна за злонамерни кои можеле да го продолжат пожарот. Сега чадењето е драстично намалено и нема горење, така беше и вчера, но вечерта чадот се зголемил и имало горење што е сомнително – вели Ангелов.

Тој информира дека поднел пријава до МВР, по која во моментов постапуваат полициски службеници кои треба да утврдат причини за запалувањето и дали некој од вработените учествува во овие активности или се тоа лица од надвор. Полицијата ќе биде присутна и во околината на депонијата во следните денови.
Според информациите со кои располага, Ангелов истакна дека имало најмалку уште три обиди за палење на депонијата, но, како што рече, за среќа биле брзо изгаснати.
– Од тие причини денеска побарав припадници на полицијата на криминалистичката полиција да влезат во депонијата и да поразговараат со вработените и да дојдат до релевантни информации околу можни причинители на пожарот на депонијата. Припадниците на криминалистичката полиција моментално се внатре во депонијата, не зборуваме за конкретно осомничен, туку ќе позборуваат со вработените дали постои можност некој од внатре да учествува во подметнувањето на пожарите или можеби некој од надвор доаѓа, веројатно малку физички спремен со канта бензин или шише бензин затоа што се работи за запаливи гасови да го подметне пожарот, рече Ангелов.
Во следниот период, тој најави дека ќе бидат употребени повеќе методи за набљудување на депонијата, како и зголемено полициско присуство, со цел откривање евентуални потпалувачи, бидејќи, како што рече, необјасниво е како се зголемува чадењето откако претходно се интервенирало и огнот драстично бил намален.

– Во околината на депонијата ќе има засилено полициско присуство, повеќе патроли и ќе употребиме и други методи за набљудување на самата депонија за откривање на евентуално потпалувачи, бидејќи малку е необјасниво како откако драстично ќе го намалиме огнот чадењето повторно само од себе толку многу да се зголеми, рече Ангелов.
Посочи дека во текот на вчерашниот ден дејствувала механизација, по што, некаде околу 18 часот чадењето било драстично намалено. – Зборувам за чадење, а не за горење, вели Ангелов, појаснувајќи дека видлив оган на депонијата нема, туку се работи за чад којшто излегува од внатрешноста како последица на силните хемиски и биолошки процеси кои се одвиваат на депонијата.
Ангелов вели дека лошото менаџирање на Дрисла се гледа и во загрижувачката состојба со исцедокот, кој слева и во моментов има направено езеро колку едно фудбалско игралиште со длабочина од 1,5 метри.
– Непознато е дали и колку се загадени подземните води, но очигледно е дека проблемот е голем и треба да се решава – вели Ангелов.
Објаснува дека делот каде што е пожарот е во моментов делумно затрупан со помош на механизација, но заради тесниот простор за движење на машините не може поефикасно да се работи. Ангелов информира дека на терен е присутна и тешка механизација на „Гранит“, а доколку не завршат до утре ќе побараат помош и од „Бехтел и Енка“.