„Дрим зона“ од соништата за најпалавите, од денеска е отворена во „Дајмонд мол“

Заедно со „Гурманската Авенија“ (Gourmet Avenue)  и продажниот сегмент сочинет од 150 продавници, „Зоната на соништата“, е една од трите клучни целини на Diamond Mall


Ако сакате адреналин, игри, палавштини, но сето тоа во затворено, на топло и под надзор на будното око на операторите, треба да ја посетите „Дрим зоната“ во „Дајмонд мол“ наменета за најмладите која денеска и официјално беше отворена.

На огромен простор распослана е детската „Дрим зона“ која нуди забава и активности за деца од 2 до 12 години, но доколку сте возрасен, а сакате да се вратите во детските години, слободно може да го направите тоа.

Возбудата почнува уште на врата, каде ве дочекуваат насмеани оператори, кои ќе ви помогнат да се раскомотите и ќе ве одведат до базенчето со рипчиња, од каде со трицикли може да се возите по патеките, да се качите највисоко во кулите, по скали или по ѕид. Може да се испробате по тобоганите, но и вашите гаѓачки способности, па може да ги целите вашите другарчиња кои се спуштаат по лизгалките. На неколку нивоа, безбедните „кафези“ кријат бројни активности.

Посебен дел зазема тематскиот парк, каде малите палавковци може да се испробаат како лекари, готвачи, пожарникари или полицајци…

Спуштајќи се по кружниот тобоган, може да влезете во светот на дигиталните игри, каде ќе ве пречекаат ајкули, ражи, риби, а секоја ќе ве награди со насмевка.

Ако сакате рибата што ја имате во главата да стане реалност, може да ја нацртате, да ја скенирате и таа набрзо ќе се најде во морето пред вас. Ќе гледате како оживува и отпловува во морските води. Море не е море ако нема песочна плажа, па така може да се стапнете на мекиот песок, заплискуван од морските бранчиња и безбедно суви, да ловите рипчиња и да ги собирате во кофа.

Доколку ви здодеа да си играте „на море“, продолжете преку игривата лизгалка, каде ќе ве наградат ѕвездички, а потоа може да гаѓате вселенски летала и вонземјани со топчиња. На другиот ѕид може да ги гаѓате и лилјаците кои ве предизвикуваат, а поените само се множат.

Насмеаните операторки ќе ве водат и низ дигиталните игри на под или на мониторите наоколу.

Ако не ве измори големината, забавната содржина и сите чуда невидени, тогаш сигурно ќе ве умори качувањето по скалите за да се спуштите уште еднаш и уште еднаш и уште еднаш, по кружниот тобоган.

 „Зоната на соништата“ е лоцирана на две нивоа, на првиот и вториот кат во Diamond Mall, на површина од 3.500 метри квадратни, што ја прави една од најголемите во земјава. 

„Зоната на соништата“ е уникатна и по своите содржини. Посетителите ќе можат да уживаат во трите тематски делови „Roleplay House“, „Kids Venture“ и „Immersive Zone“, каде што има 15 различни содржини. Таа има и едукативен дел, сместен во „Roleplay House“, каде во автентичен простор, децата ќе можат да учат за различни професии и активности од секојдневниот живот, како на пример што се случува во полициска станица, библиотека, пожарна служба, супермаркет и слично.

Зоната има ресторан, сместен на првиот кат, и кафуле, кое е лоцирано на приземјето, а за посебни прослави има соодветна наменска просторија. 

„Зоната од соништата е многу важен дел од Diamond Mall и ние сме исклучително задоволни што можеме да ја претставиме и отвориме за децата од различни возрасти.  Како што е и името на овој простор, сакаме да ги поттикнеме најмладите да сонуваат и да се стремат кон вистинските вредности во животот. Ексклузивна карактеристика на ,Зоната од соништата’ е комбинацијата од забава и едукација и е развиена според најновите трендови за ваков тип на содржини. Уверени сме дека, покрај другите содржини, ќе биде причина за посета на трговскиот центар и дека ќе привлече деца и возрасни од целата земја, но и од соседството“, истакна Селин Октај, генерална менаџерка на Diamond Mall. 

За функционирањето на „Зоната на соништата“ се грижат вкупно 20 обучени вработени, чија задача е да ги водат децата низ играта и едукацијата за време на нивниот престој во овој простор. Еден оператор во оваа зона се грижи за група од 8-10 деца. 

Заедно со „Гурманската Авенија“ (Gourmet Avenue)  и продажниот сегмент сочинет од 150 продавници, „Зоната на соништата“, е една од трите клучни целини на Diamond Mall. Со отворањето на „Зоната на соништата“ се става во функција целокупниот концепт на Diamond Mall. Минатата недела започна со работа и „Гурманската авенија“, при што ресторанот „Amigos” прв ги дочека своите гости, а по него и „M House” и „Sarajeva Steak House”. Наскоро ќе започнат со работа и „Su Roastery”, „SushiCo”, „Tribeca” и „The Table”. 

Diamond Mall беше отворен на 20 октомври годинава и за кратко време стана едно од најомилените места во Скопје. Трговскиот центар располага со голем број влезови кои овозможуваат лесна пристапност од било кој дел на централното градско подрачје, независно дали се доаѓа со возило, со јавен превоз или пешки. На располагање на посетителите на центарот се ставени и 2.900 паркинг места. Групацијата „Лимак“ инвестираше над 350 милиони евра во изградба на мултифункционалниот комплекс „Diamond of Skopje“, од кој е дел и Diamond Mall. (Б.Б.)