Дрекслер: Одлуката Скопје да биде европски град на културата е огромна шанса и треба да се искористи
Одлуката Скопје да биде европски град на културата во 2028 година доаѓа во вистински момент и претставува огромна шанса за македонската култура да се приближи на многу повеќе луѓе кои живеат надвор од Северна Македонија, оцени германската амбасадорка Петра Дрекслер за МИА.
Дрекслер на денешниот настан насловен СловоКулт : Берлин кој има за цел да ги спои културите на двете земји посочи дека Германија многу ја цени и поддржува македонската култура, јазик и идентитет.
-Ние навистина многу ја цениме македонскатра култура, македонскиот јазик и македонскиот идентитет и таа поддршка не доаѓа само од страна на сојузната влада, туку и од страна на германскиот Бундестаг како и од општеството, порача германската амбасадорка.
Појасни дека ваквите настани се многу важни, особено во период кога се слават 30 години од воспоставување на билатералните односи помеѓу нашата држава и Германија.
-Јазиците се многу важни – македонскиот јазик, германскиот, албанскиот, преводите се многу важни за комуникацијата и токму вредноста што ја има еден јазик. За тоа нешто стануваше збор во Бундестагот, тој неодамна усвои една резолуција поврзана со македонскиот јазик и затоа за нас само по себе е разбирливо да се учествува на еден ваков настан каде станува збор за јазикот, изјави Дрекслер.
Организаторите пак од друга страна побараа поголема ажурност од Министерството за култура.
Основачката на фестивалот СловоКулт, Елизабета Линднер Костадиновска, посочи дека предизвик во организацијата на СловоКулт било да се покријат сите трошоци, бидејќи, како што рече, тие биле спречени да аплицираат за финансиска поддршка за проектот.
-Министерството за култура треба да ги поедностави малку начинте на апликација, тоа прво и основно, бидејќи бирократијата не и помага на уметноста. Онлајн апликацијата за програмата не функционираше минатиот пат, така што јас не можев ни да пријавам проект. Да ги поедностават бирократските и техничките работи, порача Костадиновска.
Додаде дека во изминатите изданија поддршка имале од мрежата за книжевни преводи ТРАДУКИ, а годинава и од Амбасадата на Германија во Скопје.
Информира дека гостувањето на странските учесници првпат било поддржано од Германската амбасада, а за фестивалот појасни дека е интердисциплинарен и поврзува три уметности – поезија, музика и ликовна уметност.
Најголем дел од учесниците се од Германија и од нашата земја, но и од Балканот и од Европа.