Драмски востановува награда „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од македонски млад автор


Во духот на поддршката што Драмски театар Скопје ја имал во минатото со поставување на театарски претстави на драмски текст на млади автори, од оваа година ја востановува наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од македонски млад автор до 30 години возраст.

Наградата за најдобар драмски текст од македонски автор до триесет години ќе го носи името „Горан Стефановски“ и ќе се избира по пат на Конкурс во кој е опишана формата и содржината на пријавата за конкурирање, како и начинот на спроведување на постапката за избор. Конкурсот ќе биде јавно објавуван секоја година преку медиумите и на веб страната на НУ Драмски театар Скопје. Рокот за поднесување на пријава и останатата потребна документација е 15 дена од денот на објавувањето на Конкурсот. За спроведување на изборот за најдобар драмски текст од македонски автор на возраст од 30 години е задолжена Комисија од 5 члена, а авторот на наградениот драмски текст ќе биде објавуван на прес конференција во пресрет на 27 април, денот кога бил роден Горан Стефановски. Право на учество на Конкурсот за избор за најдобар драмски текст од македонски млад автор на возраст до триесет години имаат автори кои се македонски државјани и се на возраст до 30 (триесет) години, сметано до денот на завршување на пријавувањето.

Конкурсот има за цел да ја афирмира современата македонска драма, да го поттикне македонското драмско творештво и да го одржи континуитетот на македонското драмско писмо. Пријавениот драмски текст треба да биде неизведуван и да биде оригинално авторско дело, а не драматизација или адаптација на романи, новели или мотиви на постојни драмски дела.

Добитникот на наградата ќе потпише Авторски договор со НУ Драмски театар Скопје согласно кој театарот се обрзува да го инкорпорира наградениот драмски текст во предлог-програмата на театарот и да го продуцира со изведба на малата сцена или на сцената „Ристо Стефановски“ во театарот во рок од две години сметано од денот на завршување на Конкурсот. Добитникот ќе добие еднократна парична награда во висина од 60.000,00 денари, а Авторот се обврзува да не го оттуѓува текстот поточно авторското право на други правни и физички лица сè до праизведбата во НУ Драмски театар Скопје.

Директорот Роберт Вељановски  не денешната прес-конференција ја истакна радоста и едногласната поддршка на ансамблот што токму Драмски ја востановува наградата „Горан Стефановски“ од причина што и Горан го имаше Драмски за „свој театар“. Од 1974 година кога се постави праизведбата на  „Јане Задрогаз“ во режија на Слободан Унковски до праизведбата на „Огнени јазици“ исто така во режија на Слободан Унковски“ во 2013 година, на сцената на Драмски театар се поставени импресивна бројка од 15 негови премиери, а осум од нив се праизведбени постановки.

На сцената на Драмски театар се играни претставите:

  1. Јане Задрогаз – праизвеба: 1974; режија Слободан Унковски
  2. Диво месо – праизведба: 1979; режија Слободан Унковски
  3. Хај – Фај – премиера: 1983; режија Љубиша Георгиевски
  4. Дупло дно – премиера: 1984; режија Слободан Унковски
  5. Тетовирани души – праизведба: 1985; режија Паоло Маџели
  6. Кула Вавилонска – праизведба: 1990; режија Слободан Унковски
  7. Чернодрински се враќа дома – праизведба: 1992; режија Слободан Унковски
  8. Сега му е мајката – праизведба: 1995; режија Димитар Станковски
  9. Диво месо – премиера: 2000; режија Александар Поповски
  10. Тетовирани души – премиера: 2001; режија Сашо Миленковски
  11. Жив чоек / Everyman – премиера: 2004; режија Дејан Дамјановски
  12. Лет во место – премиера: 2005; режија Љупчо Ѓорѓиевски
  13. Демонот од Дебармаало – праизведба: 2006; режија Слободан Унковски
  14. Огнени јазици – праизведба: 2013; режија Слободан Унковски
  15. My Name is Goran Stefanovski (компилација на фрагмети од драмите Црна дупка, Лонг плеј, Сараево, Казабалкан, Хотел Европа, Евроалиен и Одисеј) – премиера: 2022; режија Бранислав Миќуновиќ.

Драмски театар Скопје денес го објави Конкурсот за доделување на награда „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од македонски млад автор на веб страната на НУ Драмски театар Скопје и ќе трае заклучно со 15от ден од објавувањето.

Идејното решение за Конкурсот е направено од  Дарија Пројковска и Бранко Прља од порталот Арно Мк со помош на вештачка интелигенција со идеја да се мотивираат што повеќе луѓе да ги користат АИ моделите во други креативни проекти.