Драмски театар Скопје со „Кармен“ на фестивал во Бугарија


Со монодрамата „Кармен“, Драмскиот театар Скопје денеска ќе учествува на театарскиот фестивал „Сава Огњанов“ во Русе, Бугарија.

На фестивалот настапуваат познати театарски куќи и музичари од неколку земји. Учеството на Биљана Драгичевиќ Пројковска со монодрамата „Кармен“ е нивен петти меѓународен настап со оваа претстава, по гостувањата на фестивалот РУТА во Сараево, Македонското културно лето во Албанија, фестивал во Зајачар, Србија и неодамна на театарски фестивал во Грузија. Претставата „Кармен“ вечерва ќе ја има својата 40 изведба.

Монодрамата „Кармен“ е создадена по мотив од романот „Пет часа со Марио“ од Мигел Делибес, а својата премиера ја имаше во мај минатата година. Режијата и драматизацијата се на Дејан Пројковски, сценографијата на Валентин Светозарев, сценските движења на Олга Панго, костимографијата на Раде Василев, а музиката на Горан Трајковски.

Актерката Биљана Драгиќевиќ-Пројковска за улогата Кармен, покрај наградите на минатогодишниот фестивал на монодрама во Битола доби награди и на годинашново издание на Македонско културно лето во Албанија и Интернационалниот фестивал „Актерот на Европа 2022“ во Ресен.