Драмски театар Скопје со „Хеда Габлер” ќе го отвори фестивалот „Војдан Чернодрински“


Со претставата „Хеда Габлер” на Драмси театар Скопје утревечер ќе биде отворен 58-от Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински” во Прилеп.

Претставата ќе биде изведена во Центарот за култура „Марко Цепенков“ како прва од единаесетте претстави во продукција на националните театри селектирани во натпреватувачката фестивалска програма. Добитници на наградата за животно дело се актерите Мими Таневска-Србиновска и Јордан Витанов. Наградата ќе им биде врачена на отворањето на Фестивалот.

Мотото на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“, што ќе се одржи од 7 до 14 јуни во Прилеп  е „Промени се, промени сè“, информираат од Драмскиот театар.

 „Ново читање“ е именувана програмата на уметничкиот директор Ана Стојаноска, која на претставувањето на годинашнава програма го појасни концептот „Ново читање“ ги опфаќа двете потпрограми: „Новото читање на драмите од авторот во фокус – Горан Стефановски“ и „Ново читање на класиците“.

„Хеда Габлер“ работена по текст на авторот Хенрик Ибзен е новата претстава во продукција на Драмски театар Скопје. Режисер на претставата е Васил Христов, адаптацијата е на Викторија Рангелова – Петровска и Васил Христов. Сценограф на прертставата е Васил Христов и костимите се на костимографката Розе Трајчевска – Ристоска.

Улогите ги играат актерите на Драмски театар Скопје: Хеда Габлер Тесман – Сања Арсовска, Судијата Брак – Зоран Љутков, Јерген Тесман – Владимир Петровиќ, Ејлерт Левборг- Дениз Абдула и ликовите на Госпоѓа Елвстед и Јулијана Тесман ги игра Сара Климоска.

Режисерот Христов посочува дека драмскиот текст „Хеда Габлер“ , низ годините, многупати е поинаку  режисерски толкуван и читан, драматуршки адаптиран, структурно видоизменуван, користен како мотив од автори вљубеници во неговото дело. Драмскиот материјал отвара можности внатре во него да се интервенира  во согласност со современите театарски концепти, читања, толкувања  условени и од општествените промени кои неминовно се случуваат. Денес кога менталното здравје, кризата на идентитет и морално-етичките норми се во фокус на интерес, драмата и Хеда Габлер како (анти)хероина стануваат дополнително актуелни и ги рефлектираат проблематизираните состојби во современото општество. 

Во недела на 9 јуни во фестивалската програма е посветена на Горан Стефановски. Именувана како „Авторот во фокус“ програмата ќе ја реализираат истакнати театарски работници и ќе ги презентираат своите исчитувања и ќе говорат за колективната обврска да го зачувуваме ликот и делото на Горан Стефановски во македонската култура.