Драмски театар одбележува 75 години со празен салон, ама со надеж и верба


Со надеж и верба дека оваа празнотија во театарот е привремена, ние работиме и чекаме нашата енергија, талент и магија да ги споделиме со оние на кои им е наменет театарот – публиката, соопшти Драмски театар-Скопје по повод денешното одбележување 75 години постоење.

– Седумдесет и пет години театарот живее и го чува духот на сите големи актерски имиња кои го полнеле храмот на уметноста со смеа, солзи, аплаузи. За жал, 75-тиот роденден не можеме да го наречеме среќен и да го прославиме на начин како што му доликува на Драмски: со сите актери на сцена, со цела техника, со полн салон, со аплауз. Му посакуваме сите следни родендени да бидат прославени со цел ансамбл, со полн салон, со љубов, вели директорката на ДТС Катарина Коцевска Хаџи Василева.

Почетоците на Драмски театар се поврзани со изведбата на куклената претстава „Силјан Штркот“ на куклената сцена во рамки на Македонскиот народен театар во 1946 година. Во следните петнаесетина години, куклената сцена се развива како самостоен театарски субјект надвор од  МНТ.

Потрагата и дефинирањето на конечниот концепт на театарската активност, репертоарската политика и стилско/естетските правци се пресликува и преку зачестеното преименување на институцијата: Куклена сцена (1949); Градски куклен театар (1949); Младински куклен театар (1957/1958) и Драмски театар Скопје (1965).

Во освртот за историјатот на институцијата е наведено дека својата препознатливост на модерен, иновативен театар ДТС му ја должи на Ристе Стефановски, кој технички и уметнички го реорганизира, оформува две засебни сцени – Младинската и детската сцена, а во 1960 почнува со работа и вечерната сцена. Во 1965 е изграден објектот на ДТС, кој во наредните децении интензивно се развива и се пробива до самиот врв на европската театарска мапа. 

е