Драмски театар гостува на 67. „Стериино позорје“ со претставата „Се викам Горан Стефановски“


Драмски театар Скопје денеска ќе гостува на 67. „Стериино позорје“ во Нови Сад со претставата „My Name Is Goran Stefanovski“ /„Се викам Горан Стефановски“ во режија на Бранислав Миќуновиќ.

Драмски театар соопшти дека по повеќегодишна пауза се враќа на сцената на Српско народно позориште во Нови Сад и претставата ќе ја изведе во меѓународната програма „Кругови“.

Претставата е авторска адаптација од изборот на драми и монтажа на сцени од седум драми на Горан Стефановски, напишани во период од 1987 до 2021 година: „Црна дупка“, „Лонг плеј“, „Сараево“, „Казабалкан“, „Хотел Европа“, „Euroalian“ и „Одисеј“.

Драматург е Бранислава Илиќ, драмски писател и професор на Факултетот за драмски уметности во Белград. Сценограф на претставата е Александар Дениќ, автор на музиката Влатко Стефановски.

Во актерската екипа се: Биљана Драгиќевиќ-Пројкоска, Јелена Жугиќ, Софија Куновска, Соња Стамболџиоска, Ана Димитрова, Мето Јовановски, Драган Спасов-Дац, Игор Ангелов, Златко Митрески, Стефан Вујисиќ, Дамјан Цветановски и Саша Димитриевска.

 

-Ансамблот на Драмски театар-Скопје со ова гостување ја продолжува повеќедецениската традицијата на успешни изведби и наградувани претстави на еден од најпрестижните театарски фестивали во регионот, информираше ДТС.

На „Стериино позорје“ ДТС првпат учествуваше во 1966 година со претставата „Богомилска балада“, а ансамблот има повеќепати добиено награди на овој фестивал за претстави и актери.