Драмски со „Драми на принцезите“  гостува на фестивалот РУТА во Љубљана


Dramski teatar 3 bg
Фото: Б. Грданоски

Драмски театар со претставата „Драми на принцезите“ гостува во сабота на 1 февруари во Словенија. Во Љубљана од 29 јануари до 3 февруари во организација на Местно гледалишче Љубљана се одржува словенечкото издание на регионалниот театарски фестивал РУТА.

„Драми на принцезите“ е претставата работена по циклусот постдрамски текстови „Драми на принцезите“ со поднаслов „Смртта и девојката“ на нобеловката Елфриде Јелинек. Преводот од германски јазик го направи Катерина Шекутковска. Во уметничкиот тим што работеше на претставата е трочлена екипа од млади и талентирани уметници од Словенија. Режијата е на Жива Бизовичар, прв драматург е Ник Жнидаршиќ. Втор драматург и редакција на превод: Викторија Рангелова – Петровска. Сценограф и автор на музика е Јан Крмељ. Костимите се на костимографот Александар Ношпал. Дизајн на светло: Жива Бизовичар, Јан Крмељ и Ник Жнидаршиќ. Сликар-изведувач: Ѓорѓи Ѓорѓиевски. Музичко-вокален консултант: Ива Дамјановска и фотограф е Стефан Стамандов. Инспициент е Жарко Намичев и суфлер во претставата е Милка Анчевска.               

Ликовите ги играат актерките на Драмски театар Скопје: Снежана: ЈЕЛЕНА ЖУГИЌ, Ловецот: НИНА ЕЛЗЕСЕР, Трнорушка: БИЉАНА ДРАГИЌЕВИЌ-ПРОЈКОВСКА, Принцот: САРА КЛИМОСКА, Џеки: ТРАЈАНКА ИЛИЕВА-ВЕЉИЌ, Силвија: ИВАНА ПАВЛАКОВИЌ и Ингеборг: ЈАСМИНА ВАСИЛЕВА.

Во програмската книшка на претставата режисерката Жива Бизовичар истакнува: Циклусот постдрамски текстови Драми на принцезите со поднаслов Смртта и девојката, нобеловката Елфриде Јелинек го пишува на преминот на векот и го завршува во 2002 година, како феминистичко дополнување на бајките на браќата Грим. Во циклусот, Снежана и Трнорушка веќе не се беспомошни девојки препуштени на милост и немилост на мажите, туку жени кои сакаат да ја избегнат смртта иако знаат дека обидот е осуден на пропаст. Смртта им е веќе запишана со нивните иницијали, тие можат само да ѝ се предадат и да се спасат од непотребниот напор за бегство – единственото нешто што можат да направат со смртта е да ѝ се доверат, да разговараат со неа за својата приказна. За разлика од нив, Џеки (Оназис) е смрт сама за себе. Ракот ја глода, а таа, претворена во статуа, на публиката ѝ ја раскажува својата „вистинска“ приказна: била принудена да стане совршена жен(ск)а, префинета слика, темнина во која не може да проникне ниту светлината на Мерилин Монро, која ја прогонува. Во Ѕидот, последниот дел од циклусот, Ингеборг Бахман и Силвија Плат, две големи писателки кои ги засенија своите мажи кои исто така беа писатели, се обидуваат да го пресоздадат светот. Туркаат низ ѕидот, но не можат да го скршат или да го исчистат за да видат што има зад него. Мора да најдат друг начин.

Премиерата на „Драми на принцезите“ беше на 15 ноември 2024 година и досега е изведена шест пати на сцена „Ристо Стефановски“ во Драмски театар Скопје. Гостувањето во Местно гледалишче Љубљана е прва изведба на претставата во странство.