Драматична е ситуацијата во болницата во Битола
Во ковид центарот во болницата се хоспитализирани 103 пациенти. Сите се тешко болни и на кислородна поддршка
Анета Блажевска
БИТОЛА – Тешка е сликата во Ковид центарот во Битола каде на двете одделенија се хоспитализирани дури 103 пациенти, најмногу досега од почетокот на кризата. Ноќеска починале и 4 пациенти од кои двајца од Битола на 62 и 64-годишна возраст, еден од Ресен на 65 години и еден од Демир Хисар на 80-годишна возраст.
„Имаме дури 103 хоспитализирани, од кои 24 се нови приеми, а сме испишале 6 пациенти. Нема пациенти со лесна клиничка слика сите се тешко болни и на кислородна поддршка“, изјави д-р Билјана Гагачовска директор на Клиничка болница Битола.
Битолчани кои го прележаа вирусот во голем број се одзваа на повикот на Трансфузиологија да даруваат ковалесцентна плазма и да помогнат во лекувањето и подобрувањето на клиничката слика на заболените.
Вчера одделението на Трансфузиологија беше полно со дарители. Лекарите им се заблагодарија на битолчани и ги повикаа и наредната среда да даруваат крвна плазма.
Во истовреме продолжуваат апелите на битолчани преку ФБ групите да се најде соодветната крвна група за заболен од вирусот. Еден таков апел е упатен и за млад лекар од Битола кој се бори со инфекцијата.
Владимир Баљари е млад битолчанец кој вчера се одзва на повикот и даруваше крвна плазма и покажувајќи хуманост во овие тешки моменти за хоспитализираните. Тој ги повика сите оние кои го прележале вирусот и можат да даруваат плазма, да им помогнат на хоспитализираните.
„Не знам кога и каде се заразив, затоа што немав симптоми, но неодамна се тестирав за да видам дали имам антитела. Тестот покажа дека сум го прележал вирусот. Пред неколку дена на социјалните мрежи видов оглас за битолчанец заболен од Ковид-19 со иста крвна група како мојата, А-, за кој се бара крвна плазма. Се јавив на телефонот кој беше оставен во огласот, а по разговорот со него, ме контактираа од Трансфузиологија. Вчера бев и дарував плазма. Првпат дарувам плазма и одлучив да помогнам таму каде што е потребно. Апелирам тоа да го сторат и останатите кои ја прележале болеста и се во можност да даруваат. Постапката е многу едноставна и трае неколку минути“, вели битолчанецот Владимир.
Вчера во Битола бројката на новозаразени достигна 86, а во моментот болеста е присутна кај 745 лица. За само неколку дена починаа 16 битолчани, меѓу нив и млада жена на 40 години без никакви коморбидитети.
Најголем дел од битолчани реагираат на социјалните мрежи дека заразата се шири меѓу младите во кафеаните, зашто во овој период добар дел од заразените се помлади од 50 години, а има хоспитализирани и млади лица над дваесеттина години.
Градоначалничката Наташа Петровска вчера повика кафетериите и кафеаните да ги отворат терасите и да ги тргнат заградените и затворени простори.
„Да ги замолам сите угостителски работници да ги отворат зимските тераси за да придонесеме да се амортизира кризната ситуација, да не се грижат за тоа кои се одлуките на Совет зашто формално-правно и тоа можеме да го регулираме. Иако е 15 април тајмингот до кога можат да се чуваат преградувањата, можат да преминат во летната шема на организација зашто така ќе дадат дополнителна поддршка за да не ни се зголемуваат броевите на ковид заразени во нашата држава“, рече градоначалничката Петровска.